Груевски пред избор дали ќе се брани со свој адвокат или одбраната ќе му ја назначи судот

Пишува Љубиша Арсиќ

Ако Никола Груевски не му испрати полномошно на адвокатот Дончо Наков или на некој друг адвокат, тогаш судот ќе му назначи адвокат по службена должност и судењето за „Талир 2“ за криминалот со имотите на ВМРО ДПМНЕ ќе може да започне, иако очекувано е дека веднаш на следното судење адвокатите на Груевски и на Кирил Божиновски, заедно обвинети во предметот со уште тројца (шестиот ја призна вината), ќе настапат со стратегија за ново одложување и така до недоглед, како примерот со „Талир“ каде десетина пати процесот се одложува, се додека судот не стане построг и не започне поефикасно да ги организира и спроведува судењата за предметите на СЈО. Двата споменати предмети се кристиално јасни што се однесува до доказите и до вината на обвинетите.

Во „Талир 2“ кој се однесува на криминалната изградба на партиското седиште на ВМРО ДПМНЕ постои експлицитна писмена комуникација помеѓу Груевски и Божиновски, но постојат и два документа кои во СЈО ги сметаат за цврст материјален доказ кој двајцата ќе мора да ги однесе во затвор – Договор за пренесување право на градба и Договор за регулирање права и обврски помеѓу партијата и „Бетон“ кои се спротивни на Законот за финансирање на политичките партии и Законот за облигациони односи.

Во другиот случај „Талир“ каде покрај Груевски и Божиновски, обвинети се и Миле Јанакиески, Илија Димовски и Леко Ристоски, обвинителите како доказ го имаат признанието на Елизабета Чингаровска, која беше исто така обвинета, а потоа и осудена на условна казна, но и исказите на стотици сведоци од ВМРО ДПМНЕ чии имиња беа злоупотребени како партиски донатори.

Што е заедничко за двата предмета?

И преку двете кривични дела, ВМРО ДПМНЕ со украдени пари купувала имот за партијата низ цела држава, а ја изгради и партиската палата во Скопје. И на двете дела главен спроведувач е Никола Груевски, со крајна цел – зацврстување на неговите и на позициите на неговите соработници во партијата, претворање на партијата во приватна своина, што и не беше далеку од реалноста.

Газди на фирми добивале упатства од Божиновски во владиниот кабинет, а парите оделе кај Груевски

„Талир“ беше покренат во ноември во 2018. и пред обвинителниот акт да наполни година, судскиот процес се уште не започнал. Постојаните тактики и игри на адвокатите, но и толерирањето на таквото однесување од страна на судот и негова замреност во однос на предметите на СЈО, можно е уште долго да ги одложуваат и двата предмета за стекнатиот имот на ВМРО ДПМНЕ.

Каква била шемата за финансирање на партијата?

Во меморијата на јавноста за овој случај, најмногу е врзан детаљот дека нелегални пари преку уплатници пополнети во име на партиски членови и симпатизери во вид на донација биле уплаќани на сметката на ВМРО ДПМНЕ.

Но, кои се тие пари?

Обвинителниот акт за „Талир“ открива дека тоа биле испумпани државни пари преку договорени компании на кои им биле делени тендери за извршување на јавни услуги.

Практично, спротивно на Законот за финансирање на политички партии Груевски и Божиновски вршеле притисок на правни субјекти кои, по пат на договор, вршеле јавни услуги за државни органи, за единици на локална самоуправа или за јавни установи или претпријатија, така што обвинетиот Божиновски, користејќи го своето реално влијание во општеството и својата службена положба како Генерален секретар во своите работни канцеларии во Владата ги повикувал претставниците на фирмите, а на дел од состаноците  бил присутен и обвинетиот Миле Јанакиески.

На овие непријатни состаноци биле повикани Друштвото за градежништво „Пелистер“- Битола, Друштвото за производство, трговија и инженеринг „Тератрејд“ – Скопје, Друштвото за проектирање и градежништво „Урбан Инвест“- Кавадарци, но и други фирми на кои им загорчил бизнисот што претходно го добивале од државата. Од сите нив, најдиректно се побарани пари во готовина како противуслуга за добиените договори за јавни набавки и остварениот профит.

Немоќни и без опција да го пријават случајот, сите вмровски фирми кои „лижнале“ од државниот мед биле доведени во позиција дека освен исплата кон партијата не постои друга опција. Тоа и го правеле, а парите од незаконските извори на финансирање ги предавале директно кај Груевски.  Тој, иако знаел дека парите потекнуваат од своевиден рекет, спротивно на законот, наместо да ги врати парите овозможил нивно користење. Имено, откако прво се обезбедувале парите се пристапувало кон акцијата со лажните донации кон партијата и на тој начин трансферирале дури 4.6 милиони евра, пари кои власта на ВМРО ДПМНЕ ги одзела од компаниите кои работеле со јавните пари. Потоа, Груевски го назначил Божиновски да управува со црниот фонд на партијата.

Со лажните партиски донации Груевски купил 30-тина имоти, дури и земјиште од Транспорт и врски

Во акцијата со уплатниците им се приклучиле и другите обвинети во случајот, Јанакиески, Димовски, Ристоски и Чингаровска кои преку партиските комитети сугерирале да бидат изготвувани фалсификувани исправи – ПП10 уплатници, кои содржеле невистинити податоци, како да станува збор за лични донации или членарини на лицата наведени на уплатниците, иако тоа не било така.

И ова е еден од крунските докази. Многумина од наведените донатори сведочеле пред СЈО дека воопшто не уплатиле пари на партијата. Ова се правело цело шест години, од 2009-та до 2015-та година. Потоа следувал очекуваниот расплет- откако парите како донации биле на сметката на ВМРО ДПМНЕ обвинетите започнале со купување имоти за партијата.

СЈО има откриено дека со половината од парите, или со околу два милиона евра биле купени недвижнини во Битола, Тетово, Куманово, Гостивар, Демир Капија, Кратово, Крива Паланка, Чашка, Зрновци, Ранковци, Карпош, Ново Село, Центар, Росоман, Јегуновце, Босилово, Облешево, Градовци, Мирковци, Илинден, Ропотово, Пласница, Гази Баба, Бутел, Оризари и на други помали места.

Во превод, Груевски ја ширел партиската империја и за секој штаб си обезбедувал простории на сметка на граѓаните. Тој нашол едноставна формула како да извлекува народни пари преку тендери, тие тендери да ги дели на познати фирми кои подоцна под притисок ќе мора да му даваат пари во кеш за да станат лажни партиски донации со кои ќе се купуваат партиски имоти. Со тоа Груевски станувал неприкосновен лидер, каков што и го познаваше јавноста во периодот од 2009. до 2015., до почетокот на објавата на прислушуваните комуникации. Од овие пари купено е и градежно земјиште во Скопје на улицата „Ѓ. Стругар“ со големина од 1.200 метри квадратни. Во обвинителниот акт не пишува дали дел од црните донации завршувале на приватните сметки на организаторите на операцијата, туку фокусот е ставен на имотите кои ги купувала партијата, експресно во само неколку години.

„Бетон“ на крај искеширал два милиона евра ВМРО ДПМНЕ

Со ова не се намалиле апетитите на Груевски. Десетиците имоти купени со народни пари биле само увертира за изградба на партиската зграда во центарот на Скопје.

За оваа операција, Груевски самиот подготвил план и го спровел само со Божиновски. Тие ја намамиле градежната фирма „Бетон“ да склучат Договор за пренесување право на градење и Договор за регулирање права и обврски. Практично, со овие два документа, Груевски и Божиновски си ја запечатуваат затворската казна за случајот „Талир 2“ преку кои се стекнале со имотна корист за партијата во висина од 7.8 милиони евра. Поголем дел од сумата ја исползувале преку несразмерниот однос во вредноста на нивното земјиште на кое се градеше зградата (800 илјади евра) со вредноста на изградениот објект во кој инвестирал „Бетон“ (6.9 милиони евра). Остатокот од парите, до 7.8 милиони евра, или уште два милиона евра на крајот „Бетон“ бил приморан да ги плати директно на партијата.

Како одела целата постапка?

Правниот субјект ДГ „Бетон“ А.Д. Скопје имал бизнис со политичката партија ВМРО-ДПМНЕ затоа што повеќе од 75% од приходите кои ги реализирала градежната компанија во 2011. и 2012. година биле од државни органи, единици на локална самоуправа, јавни установи или претпријатија за кои „Бетон“ вршел јавни услуги преку договори.

Уште пред да биде спроведена постапка и без да ги запознае органите на партијата, Груевски договорил со градежната фирма да го изгради новото партиско седиште, но согласно очекувањата и барањата на екс лидерот на ВМРО ДПМНЕ, без при тоа да води сметка колку ќе чини новиот гломазен објект. Потоа, Груевски организирал постапка за избор на најповолен понудувач со цел пред партиските органи да прикаже дека е транспарентен и објективен во целиот процес. Дури и самиот го напишал јавниот повик. Во 2012-та „Бетон“ бил избран да ја изгради зградата и тоа не според важечкиот Детален план, туку според оној кој отпосле бил донесен, после шест месеци од потпишување на договорот. Договорено било инвеститорот „Бетон“ да отстапи 43 отсто од површината на новиот објект на партијата ВМРО ДПМНЕ. Откако градежната фирма доставила проект, Божиновски формирал Комисија за оценување на проектот, и иако не бил член во комисијата сепак тој подготвил Записник и го завел како да го подготвила Комисијата, во кој навел дека инвеститорот ќе и додели на партијата 37 отсто од површината на Хотел Бетон, како што предвидувал проектот. На крај, Божиновски подготвил договор со кој, спротивно на неколку закони, го пренел правото на градба кај инвеститорот.

Со парите од „Бетон“ се купувал уште партиски имот

Во обвинителниот акт на СЈО за „Талир 2“ се наведува дека „Бетон“ започнал со изградбата на хотелот, но објектот што бил наменет за хотел или заведен како Ламела 1, не го завршил, додека делот наречен Ламела 2 или делот определен за ВМРО ДПМНЕ го изградил во рекордно време со почитување на желбите на Груевски. Веднаш потоа инвеститорот ја предал сопственоста на ВМРО ДПМНЕ која била запишана и во Катастарот.

За да биде криминалот уште поголем покрај парите кои „Бетон“ ги потрошил за зградата на ВМРО ДПМНЕ, од партијата ја приморале градежната компанија да потпише Договор за регулирање на права и обврски, што исто така било незаконски, а според кој и наметнале на фирмата да плати два милиона евра на сметката на партијата. Со ова градежната компанија била оштетена двојно – ем од свои пари изградиле седиште за Груевски, ем на крајот платиле и суви пари за партијата.

Истрагата утврдила дека и овие пари се користеле за ширење на груевистичката партиска империја низ целата држава, со цел тој лично и неговите блиски да ги зацврстат лидерските позиции и да ја добиваат наклонетоста на партиските членови со крајна цел – што подолго да останат на чело на партијата, со можност и на чело на државата.

Па така, Груевски не штедел од лесно ќарените пари и купувал недвижности во Велес, Берово, Кавадарци, Струмица, Радовиш, Охрид, Пехчево, Пробиштип, Кочани, Демир Хисар, Неготино, Виница, Гевгелија, Богданци, Дојран, Делчево, Лозово, Кисела Вода, Градско, Теарце, Новаци и на други помали места. Така, Груевски ја направи ВМРО ДПМНЕ една од најбогатите партии на светско ниво. Дел од споменатите имоти сега се замрзнати токму заради судските процеси „Талир“ и „Талир 2“, што значи дека партијата само располага со нив, но не смее да ги продава. А тоа се должи на фактот дека ако се остварат очекувањата на СЈО дека Груевски и Божиновски ќе завршат со затворски казни, тогаш партискиот имот ќе мора да биде одземен. Дали до таму ќе стигнат процесите за сега е неизвесно ако се знае дека и двете судења, сега наместо преку СЈО, ќе одат преку Основното јавно обвинителство, иако со истиот специјален обвинител, но сепак тоа за сега им отвора простор на адвокатите да наоѓаат начини за пролонгирање на стартот на судењата за да ги одложат и затворските казни на вмешаните во нелегалното богатење на партијата кои навидум им се загарантирани, а судот само треба да стигне да ги изрече. Тоа за сега изгледа тешко.