Собир како и десетици други на владејачката партија – долг говор на Груевски со фалби, но и навреди и закани кон неистомислениците, толку сличен со оние претходните, што на социјалните мрежи на шега се коментираше дека можеби и си ги искомбинирал од старите говори; администрацијата присутна и построена; партискиот врв во првите редови за да демонстрира единство, а сите заедно да покажат дека се уште се моќни во време кое не е лесно за партијата со сите обвиненија против поранешни и актуелни функионери. Единствената новина на овој собир беа фактот дека сендвичите не беа бесплатни.
Пишува: Маја Јовановска
Снимател: Трајко Антоновски;Монтажа: Дарко Груевски
Со звуците од химната на ВМРО-ДПМНЕ неколку илјади граѓани го пречекаа лидерот на партијата, Никола Груевски, на денешниот собир во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Придружуван од сопругата Боркица и десетина телохранители, Груевски помина низ шпалирот од неговите симпатизери. Дел од нив сакаа и да го прегрнат, но реагираше обезбедувањето кое не дозволи поблизок контакт, туку само ракување. Еуфорично, масата во салата почна да го скандира неговото име, а потоа од трибините одекна „Никој ништо не ти може Никола“.
Денешниот собир беше организиран единствено за да се слушне говорот на Груевски, кој траеше точно еден час и десет минути. Иако долг, ова не е рекордната минутажа на Груевски. Новинарите паметат и говори со траење од час и педесет минути, како оној даден на партискиот роденден пред три години. Во салата, освен граѓани кои дојдоа со автобуси од цела Македонија, беа присутни и луѓе од врвот на партијата, поранешни и актуелни функционери, а некои од нив осомничени и обвинети во процесите кои ги води Специјалното јавно обвинителство за разни дела, меѓу кои и такви за изборни злоупотреби и злоупотреба на буџетот и службената положба. Во првите редови стоеја поренашната министерката Гордана Јанкулоска, поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнаване (УБК) Сашо Мијалков, актуелните министри Никола Поповски, Никола Тодоров, Елизабета Канчевска – Милевска, директори на институции, градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ.
Иако бившиот министер за финансии, Зоран Ставревски, секогаш стоеше во првите редови и рамо до рамо со „кремот“ на партијата, овојпат тој одбра место од дистанца. Додека го чекаше братучедот и лидер, Сашо Мијалков стоеше и си муабетеше со поранешниот министер за внатрешни Митко Чавков. Во публиката беа и лидерите на коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ, а на собирот меѓу првите беше дојден и градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, иако тој не е во никаква коалиција со оваа партија.
Говорот на Груевски не одеше толку глатко. Од време на време прекинуваше бидејќи поткашлуваше. На моменти го креваше гласот кога требаше да добие аплауз за успесите на владата, или пак кога ја критикуваше опозицијата и од трибините ечеше УА.
Но камерата на НОВА можеше да забележи дека граѓаните не беа толку заинтересирани за 160 000 вработувања, како што рече Груевски, или пак за инвестиции од стотици милиони евра. Дел од нив си разговараа за други нешта од секојдневниот живот, а дел дури и се жалеа дека се уморни. Повеќето од нив одеа пеш од центарот на градот, каде што беа паркирани нивните автобуси, до салата „Борис Трајковски“ во населбата Карпош до каде што има три до четири километри.
Поддржувачите за „бомбите“: Никој не е совршен
Имаше и такви кои бесплатниот превоз до Скопје го искористија да прошетаат до блискиот шопинг центар „Сити Мол“ или, пак, седеа на улицата „Илинденска“ и чекаа да заврши говорот.
Пред да дојде Груевски, на видео-бимови им се пуштаа патриотски песни, а некои дури и заиграа.
Дел од луѓето носеа маички со ВМРО-ДПМНЕ, но и со Ќосето и Тодор Александров. Најголем дел од пристустните беа вработени во амдинистрација, но и пензионери кои, како што велеа некои од нив, „цел живот се за ВМРО“. Велат дека дошле да го слушнат Груевски и да го поддржат повторно да победи ВМРО-ДПМНЕ на избори.
„Дојдов од Велес, за да дадам поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски“, изјави еден граѓанин. Друг рече дека е од Охрид, па дошол зошто така му рекле.
Запрашани дали веруваат во она што го слушнале во „бомбите“ на СДСМ, одговорите беа: „Тоа се е лага и монтирано“, или пак „Никој не е совршен. Другите што правеа“. Еден симпатизер на партијата смета дека: „Никола Груевски треба да го избереме за доживотен премиер на Македонија“.
Сендвичите се плаќаа, истрага на СЈО можна причина за оваа новина
Овој пат изостанаа бесплатните сендвичи кои досега беа своевиден партиски стандарад. Извори за НОВАТВ во судот говорат дека во случајот на СЈО врзан со немирите пред општина Центар, под истрага било и комбето и сендвичите кои тогаш им се делеа на верниците кои протестираа. Истрагата се сомневала дека сендвичките биле платени со државни пари, дознава НОВАТВ. Дали поради оваа или други причини, не знаеме, но денеска имаше една подвижна сендвичарница која беше вклопена во патриотскиот амбиент и која на дојдените граѓани за говорот на лидерот им продаваше сендвич со плескавица во износ од 100 денари.
Партиски шопинг пред големиот собир
Некои граѓани решија да го искористат собирот за да заработат. Па така, на импровизирани тезги пред салата „Борис Трајковски“ можеа да се купат шалови со партиските симболи за 300 денари, но и капа со ликот Александар Македонски за иста цена. Откако заврши митингот, насобраниот народ се упати кон автобусите кои ги чекаа и повторно ги вратија назад од каде ги донесоа само за да го слушнат говорот на Груевски.