Акциските контроли на Министерството за внатрешни работи (МВР) за безбедност во сообраќајот во текот на вчерашниот ден резултираа со дури 205 санкционирани мотоциклисти од кои 60 биле фатени без дозвола и 53 возачи кои управувале со автомобил под дејство на алкохол.

– За возење под дејство на алкохол се санкционирани 53 возачи во акциската контрола на територијата на СВР Скопје што се спроведе синоќа во периодот од 22 до 4 часот, истакнуваат од МВР.

Во контролите, пак, на територијата на цела држава за санкционирање на прекршоци што ги чинат мотоциклистите се санкционирани 205 лица.

– Шеесет од нив возеле без возачка дозвола, 106 не користеле заштитна кацига, седум мотоцикли се одземени поради истечена сообраќајна дозвола и предизвикување голема бучава, а санкционирани се и други прекршоци, информираат од МВР.

Од МВР најавуваат дека и во наредните денови ќе продолжат засилените акциски контроли и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.