Лага и манипулација се тврдењата на вицепремиерот и министер за транспорт на Република Северна Македонија, Александар Николоски, дека Бугарија го одбила предлогот за средба во Скопје во врска со Коридорот 8. Ова го изјавија од Министерството за транспорт и врски на Република Бугарија во врска со најновата изјава на политичарот од Северна Македонија, јавува агенцијата БГНЕС.
Министерството за транспорт и врски со жалење, но без изненадување, разоткрива уште една политичка интрига и злоупотреба со конструктивниот пристап на Бугарија. Изјавата на Николоски во парламентот на РСМ дека Бугарија го одбила предлогот за средба во Скопје е лага и манипулација, категорично наведуваат од Министерството за транспорт.
Од таму потенцираат дека поканата за оваа средба е добиена по предметната изјава на Николоски.
Бугарија не одби, туку ќе даде одговор откако заедно со ЕК и европските финансиски институции ќе ги добие коментарите на Скопје за документот од техничкиот состанок во Софија, одржан на 31 октомври 2024 година, појаснуваат од МТС за БГНЕС.
Бугарската страна е категорична дека некоректниот и непрагматичен пристап на Скопје нема да донесе резултат.