Исплашени и бесни, Србите на Косово бараат заштита од државата Србија, зашто веќе не можат да предвидат што ги чека и на какви акции е подготвена Приштина, изјави утрово потпретседателот на Српската листа, Игор Симиќ, јавува Косово онлајн.

Она што се случи вчера е неприфатливо и недозволиво, се пукаше по семејни куќи во кои имаше бебиња, бремени жени, мајки..вели тој изјавувајќи дека луѓето се исплашени и ваквата ситуација веќе не можат да ја трпат.Животите на српското население на Косово, како што информира за Прва ТВ, биле најдиректно загрозени за време на вчерашната акција на Косовската специјална полиција Росу, со голи раце го трпеа отворениот оган од страна на специјалците чии припадници беа наоружани до заби, изјави Симиќ.

Според него, акцијата за наводно откривање на шверц со прехранбени артикли, воопшто немала врска со тоа, зашто насекаде во светот, како што вели,  никој не оди во инспекција на дуќани со наоружување како што вчера била наоружана Росу и не се растерувал народот, кого Приштина го ословувала со изразот демонстранти, со куршуми од пушка.Вчера имаше шок бомби, тони солзавец и огнено оружје кон народот со празни раце, изјави Симиќ.

Тој истакна дека народот е одлучен да остане на Косово, но на синоќешната средба со претседателот Вучиќ, му го поставиле единственото прашање:Дали државата ќе застане во заштита на својот голорак народ или не?

Како и да е, ние мора да најдеме начин како да ги браниме нашите семејства и куќите, но во тоа очекуваме поддршка од нашата држава и од сите структури, бидејќи ова е неиздржливо, изјави Симиќ.

Тој информира дека утрово, ситуацијата е мирна , но и дека очекува Приштина да престане со едностраните потези. Мирна е состојбата на северот од северна Митровица и во Звечан, и дека училиштата и градинките работат.

Американскиот амбасадор во Србија, Ентони Годфри за „ Новости“ изјави дека многу внимателно се следи состојбата во Северна Митровица како и изјавите на Вучиќ, Брнабиќ, Петковиќ и дека вршат силен притисок врз Косовските власти да преземат одговорност за своите акции.

Во вчерашната акција на Росу, за која повеќе медиуми и аналитичари препознаваат маркетиншка промоција на Курти пред изборите, употребена е прекумерна сила врз цивилно и голорако население,повредени се неколку луѓе а со куршум во грбот и тешко застрелан е Среќко Софронијевиќ. Има и смртен епилог кај 71 годишна жена од Звечан, Верица Ѓелиќ, во чиј двор влегле наоружаните специјалци, за што нејзините од семејството гледаат поврзаност на бруталната полициска акција на Росу како што велат, со смртта на нивната мајка и баба.

Српскиот претседател Вучиќ, се огласи вчера вечер и на инстаграм, со порака дека предавањето не е опција, повлекување нема!

„Ми се чини дека секој човек се бори со денови, недели, месеци, понекогаш и години, додека не се скрши, додека не донесе одлука, а тешките одлуки не се донесуваат лесно од одговорни и сериозни луѓе. Меѓутоа, кога ќе донесете одлука, чувствувате извонреден мир и спокојство. Бидејќи знаете дека не го донесовте најдоброто, туку единственото можно. Нашата одлука е јасна и цврста како карпа, ние ќе ги заштитиме и браниме нашите луѓе во Косово и Метохија. Нема повлекување Предавањето не е опција! Да живее Србија “, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Тој ја посети Рашка по инцидентите и се сретна со претставници на населението. Сестрата на ранетиот Софронијевиќ го праша директно претседателот: Дали како во 1999 година ќе треба да си ги закопуваат браќата.

Дали државата ќе застане зад нас или ќе се браниме. Ако дојдеме во ситуација да немаме лекови, плаќаме за основните работи – рече таа.
Таа рече дека дошле до ситуација да мора да одат во Рашка за да земат лекови, да платат такси за тоа затоа што немаат превоз.

Не знам повеќе што да правам. Мојот син мораше да го напушти Косово, тој работеше во полиција. Копнеам по мојот син, моите внуци. Дали сега треба да го напуштам огништето, како во 1990 -тите? праша таа.

Еден Србин од Косово рече дека повеќе не може да ја поднесе ситуацијата со КиМ.

Тие го тероризираат народот, тие дојдоа до идеја да апсат шверцери, но со боева муниција. Веќе не можеме да го толерираме тоа, ако сакате да не заштитите, ве молиме. Не можеме повеќе да издржиме – се слушна на состанокот.

Неколку Срби што присуствуваа на состанокот рекоа дека членовите на РОСУ пукале по случаен избор. – Го ранија момчето до нас, што е следно? Само сакаме да знаеме дека имаме помош од државата и луѓето на кои им веруваме – рече еден од присутните граѓани.

Во вчерашната акција на Росу се повредени 6 полицајци а двајца се уапсени.

Шефот за надворешна политика на Еу , Борел порача страните да не посегаат по унилатерални акции.