Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервју за МИА, говори за ризиците од враќањето на македонските државјани кои војувале на странски жаришта. Сепак тој не открива податоци околу тоа колку од тие странски борци допрва треба да се вратат во Северна Македонија, посебно по последната турска офанзива против Курдите во северна Сирија против Курдите. 

Министерот говори и за процесот на ресоцијализација и дерадикализација на тие лица откако ќе се вратат во државата и признава дека во затворите, кои се еден од главните извори на насилни екстремни идеологии, не се прави доволно во овој поглед.

Спасовски во средата во Брисел потпиша акциски план со ЕУ за борба против тероризмот, план кој треба дополнително да ги зајакне македонските институционални капацитети во оваа глобална битка. Министерот нагласува дека стратешките национални интереси на Северна Македонија се НАТО и ЕУ и додава дека е важно сите граѓани да разберат дека отпочнувањето на преговорите или членството Унијата не значи ништо друго, туку примена на мерките и стандарди кои важат во членките на ЕУ. 

Министре прво во однос на најактуелната тема која е нападот на Турција, турската офанзива во Северна Сирија и проблемот којшто може да настане доколку Курдите ги ослободат затворениците, односно потенцијални странски борци повратници. Дали имате сознанија меѓу нив има сѐ уште македонски државјани кои би можеле поради оваа офанзива да се вратат во Северна Македонија?

Генерално кога завршуваат воените дејствија во кое било од тие кризни жаришта тогаш настапуваат полициските активности. Една од тие работи е враќање на луѓето кои заминале на воените жаришта. Ние минатата година, заедно со партнерските служби, имавме вратено седум личности кои биле во кампови во Сирија, така што и во овој момент има македонски државјани кои се наоѓаат на воените подрачја во Сирија. Не се исклучува можноста еден дел од тие да бидат вратени. Тоа е практично стратегија и на партнерските служби со кои работиме заедно да се изврши репатријација со цел понатаму државата да ги преземе другите мерки што од правен аспект, од аспектот на дерадикализацијата, ресоцијализацијата, итн. нешто што многу интензивно го работиме сите овие изминати години за зајакнување на капацитетите, да создадеме можности за ефикасна борба против насилниот екстремизам и против радикализација.

Дали знаете точно колку државјани на Северна Македонија би можеле моментално да се вратат, имате ли некакви бројки?

Имаме податоци што ги имаат Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност и ние сме во постојана размена на информации како безбедносни служби на РСМ, така што се знае и бројката на луѓе коишто се наоѓаат на тие подрачја. Меѓутоа оставам за тоа да се завршат процедурите и на основа на тоа тогаш да разговараме конкретно со бројки.

Колку се опасни тие луѓе?

Луѓе кои ќе се радикализираат се прилично опасни по безбедноста на околината. Секако дека станува збор и за лица кои поминале соодветна обука за да можат да бидат во тие воени жаришта. Сето тоа е аспект на контрола што треба да се воспостави по нивното враќање во државата. Дали тоа ќе биде враќање на некои од камповите, дали тоа е нивно доброволно враќање на територијата на државата. Ние имавме неколку оперативни акции како „Ќелија 2“, „Ќелија 3“ што се однесуваат токму на повратниците од Сирија, од Авганистан и од Ирак, луѓе кои учествувале во тие воени конфликти за кои постоеја докази дека навистина учествувале во странски војски и биле активни чинители во воените подрачја. Тоа е сериозен предизвик за секоја од државите, сериозен предизвик и за нашата е. 

Конкретно кога се враќаат тие што се вратиле или тие што ќе се вратат, што се случува, каква е процедурата, одат ли директно во затвор или прво им се суди? Што се случува точно, чекор по чекор, со тие луѓе кога ќе се вратат во Северна Македонија?

Лицата кои се наоѓаат на воените подрачја и за кои постојат докази дека учествувале во вооружени конфликти и биле дел од странски војски, се изведуваат пред надлежен суд, се работи со надлежниот обвинител и на основа на тоа се определуваат идните мерки што ќе ги одлучи судот дека треба да бидат донесени. Дали тоа е притвор, се води истрага. Тоа е едниот дел. Меѓутоа има и лица кои или не учествувале во странските воени служби или биле само на тоа подрачје или за нив нема доволно докази. Тоа се категории на луѓе со кои треба да се работи на поинаков начин со цел да се развие таа програма за нивна ресоцијализација и за дерадикализација во македонското општество.

Знаеме дека ситуацијата во затворите е лоша кај нас, меѓутоа и секаде во светот затворите се извор на радикализација сами по себе. Има ли програми внатре во затворите за дерадикализација, да се внимава да не радикализираат други затвореници?

Ние имаме би рекол помал предизвик заради тоа што имаме и помал број на луѓе за разлика од другите држави кои се соочуваат со огромен број на луѓе кои учествувале во воените подрачја. Меѓутоа секако дека и таа бројка на лица што е во македонските затвори е, би рекол, потенцијална за радикализација на други  структури, да имаат контакти со надворешниот свет, итн. Надлежност над македонските затвори имаат Министерството за правда и Агенцијата за извршување на санкции. Тие преземаат мерки и во делот на спречување на комуникациите, пред сѐ интернет комуникацијата на чија основа може да се шири таа нивна верска идеологија за радикализација. Но, факт е дека мора многу повеќе да се работи на развој на таквите програми и во самите затвори. Во нив сигурно дека постојат оддели што работат со затворениците, оддели што работат и на нивната ресоцијализација. Прашање е дали тоа е доволно. Мислам дека не е доволно и сметам дека државата треба да направи многу повеќе во овој дел, па затоа и ова што го правиме со потпишувањето на акциските планови, на протоколите и на јакнењето на државните капацитети во справувањето со борбата со тероризмот, е всушност во таа насока во сите институции да се створат доволно капацитети за да можеме да се справуваме со овие ризици и предизвици.

Постои ли некаков безбедносен ризик со новиот наплив на мигранти кои доаѓаат од Грција и поради ситуацијата во Турција?

Геостратешката положба на Северна Македонија, па и на државите во опкружувањето ни нуди многу поволности, многу придобивки поради добрите конекции, пристапноста, важноста на целиот овој регион. Меѓутоа паралелно со тоа одат и сите овие ризици и предизвици од аспект на безбедноста и не само тероризмот или можноста да имаме луѓе кои се поврзани со тероризмот, туку и организираниот криминал, транснационалниот криминал, движењето на трговија со луѓе, трговија со оружје, трговија со дрога, итн. Сето тоа е потенцијална опасност за државата, за регионот и тоа е предизвик со кој се институционално се справуваме, а секако дека миграцијата сама по себе е, би рекол, опасност што видовме како може да се одрази на државата, имајќи го предвид бројот на мигранти кои минаа низ државата со оглед на нашата големина. Тоа само го потврдува фактот дека е многу голем предизвик за да може успешно да се справите со тој феномен. Ние успешно се справивме во тој момент и насочени сме на јакнење на капацитетите за справување со било каков евентуален нов мигрантски бран. Имаме состојба во која сме добро поставени, формиравме посебна национална единица за борба против илегалната миграција и трговијата со луѓе и таа дава резултати. Меѓутоа во овој период не се соочуваме со сериозно зголемување на таа бројка. Дури во август месец има намалување на бројот на обиди за илегалне премин на државната граница. Многу ќе зависи функционирањето на Договорот на ЕУ со Турција и доколку на овој начин како сега, ќе нема поголема опасност дека може да имаме нов мигрантски бран. Ние, сепак, мора да останеме будни, мораме да ги држиме институциите на едно високо ниво на подготвеност со цел, ако се соочиме со нов мигрантски бран, да можеме да се справиме. 

Во Брисел се сретнавте и со директорот за проширување, Даниелсон. Добивте ли некои добри вести во однос на датумот во октомври или е статус-кво засега?

Разговаравме за напредокот што го имаме направено во институциите, напредокот што го имаме направено во МВР, го информирав за реформите што сме ги направиле, што се функционални, како функционираат, итн. Заеднички констатиравме дека е направен огромен исчекор во однос на реформските приоритети на Владата и дека секојдневно се прави чекор напред кон исполнувањето на критериумите што ќе значат позитивна одлука во однос на отворање на преговорите. Секако дека таа одлука ја носи советот и никој не може пред тоа да каже со сигурност дали или каква ќе биде таа одлука. За нас е важно да добиеме датум за отпочнување на преговори за што се согласивме дека го заслужуваме врз основа на сето што беше направено во изминатиот период. 

Колку евентуално одлагање на оваа одлука би можела да влијае врз соработката на Северна Македонија во вашиот ресор, во делот на миграцијата, во борбата против тероризмот, дали би било тоа ризично за ЕУ доколку Македонија повторно биде одбиена, да речеме да се сврти Северна Македонија кон некои други блокови?

Треба да бидеме на чисто во однос на ова прашање. Наши национални стратешки интереси и приоритети е Северна Македонија да биде дел од европското семејство и членка на НАТО. Прашањето со членството во НАТО е завршена работа, пред крај. До него нè делат процедурални активности во земјите членки на Алијансата што практично ќе значи гаранција на безбедноста, на територијалниот интегритет и на границите на нашата држава. И исто така важен приоритет е членството во ЕУ. Се ова што се прави во смисла на реформи, сите оние активности што ги преземаме заедно со ЕУ се, пред сѐ, за тие европски стандарди и критериуми ги примениме во рамки на македонските институции. И тоа е многу важно за воспоставување на еден таков систем што ќе функционира врз основа на европските пракси и вредности. Одлуката за почеток на преговори ќе значи една силна порака и до нашите граѓани да продолжиме уште повеќе  да ги мотивира институциите, да се мотивира администрацијата да работиме на примена на овие стандарди. Ќе се прати порака и до целиот регион на Западен Балкан и таму да се преземаат храбри чекори и мерки за затворање на сите отворени прашања што нашиот регион го прават нестабилен и на крајот од краиштата, ќе се прати една порака за зајанување на кредибилитетот на самата ЕУ.

И за крај прашање за актуелната тема „Рекет“. Сметате ли дека Фросина Ременски треба да биде исклучена од партијата со оглед на тоа дека е сега осомничена и дали очекувате други членови на вашата партија да се открие дека се инволвирани?

Многу е важно целиот случај да има завршница. Секој еден кој е дел од каков било акт и кој е осомничен, да се поведе постапка, да се изведе пред лицето на правдата, да се докаже тоа што е моментално сомнеж и да покажеме дека Северна Македонија има капацитет да се справи со овие прашања. Некогаш беше незамисливо да се разговара за кривично правна одговорност за кој било член на Влада, директор, пратеник , сега гледате дека полека, но сигурно се гради тој систем, па почнуваме да разговараме не само за одговорност на бившите функционери, туку за одговорност и на оние кои денеска се дел од институциите. Партијата ќе разговара во однос на случајот со Фросина Ременски. Јас сакам да се почитува нели пресумпцијата на невиност, меѓутоа ние мора на основа на тоа да носиме и соодветни одлуки. Очекувам институциите на системот да работат и секој еден кој учествува не само во овој случај, да мора да понесе одговорност. На таков начин ќе пратиме силна порака до граѓаните дека прво правдата нема да биде селективна, дека сите процеси ќе се водат транспарентно, дека институциите на државата имаат капацитет да се справат со вакви ситуации и на крајот од краиштата да ја пратиме клучната порака како граѓани на Северна Македонија сме сериозно определени да се избориме против криминалот и корупцијата. Тоа е нешто што од нас во овој момент се очекува, чесните, одговорните граѓани на оваа држава да ги победат оние кои се нечесни и кои учествувале во криминални активности.