На меѓувладината конференција во Брисел, Србија денеска ќе отвори уште две поглавја во пристапните преговори со ЕУ, односно поглавјето 6 наменето за правата на економските друштва и поглавјето 30 за економски односи со странство, јави Танјуг.
Државите членки на ЕУ одлучија да и дадат на Србија „зелено светло“ за отворање на уште две поглавја со што вкупно ќе бидат отворени 12 поглавја.
Пред конечната одлука за отворање нови поглавја државите членки забележале напредок на Србија во поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на реформите во областа на владеење на правото во државата, како и напредок во процесот на нормализација на односите со Приштина.
Според Танјуг, сите држави не биле задоволни со вкупниот напредок на Србија во исполнувањето на Акцискиот план за поглавјето 23, што се однесува за реформите во правосудството, антикорупциската политика и основните права и правата на државјаните на ЕУ.
Според најавите, во ЕУ очекуваат Србија во првиот дел од 2018 година да отвори уште три нови поглавја.