Во Кривичниот суд за денеска е закажано рочиште за предметот „Транспортер“ на Специјалното јавно обвинителство, во кој првообвинет е поранешниот битолскиот градоначалник Владимир Талески и уште 20 други лица.

Во обвинението, кое го застапува СЈО, се наведени докази за незаконски организиран автобуски превоз за ученици, со кој биле злоупотребени 360.000 евра пари од општинската каса.

Минатото рочиште во ноември беше одложено, поради отсуство на еден од обвинетите. Тогаш судијката Лидија Петровска сугерираше да се одвои постапката и наместо една постапка за сите обвинети, да се водат посебни постапки за секој од нив. Таа рече дека предметот е обемен и постои опасност секогаш да фали по некој обвинет и судењето да се одлага во недоглед.