Два ипол месеца по породувањето, Серена Вилијамс и официјално стана сопруга на Алексис Охенијан, еден од основачите на интернет страницата Редит. Американката тенисерка го изговори судбоносното „да“ во Њу Орлеанс на церемонија на која присуствуваа семејството, роднини, пријатели и бројни лица од светот на „белиот спорт“.
Меѓу гостите и Каролина Возњацки која беше фотографирана во придружба на нејзиниот свршеник, НБА кошаркарот Дејвид Ли. „Дејли Мејл“ пренесува дека венчавката била тематска и во знак на „Убавицата и зверот“.
Покрај данската колешка на Серена Вилијамс, на свеченоста се појавија и пејачките Бијонсе, Сијара и Кели Роуланд, актерките Ева Лонгорија и Меган Маркл, старлетата Ким Кардашијан и многу други од американскиот џет-сет.
Гостите имаа забрана за внесување на мобилни телефони во салата бидејќи магазинот „Вог“ се стекна со ексклузивно право да биде прв што ќе објави моменти од венчавката согласно договорот што претходно го потпиша со сопственичката на 23 гренслем титули.
Серена Вилијамс и Алексис Охeнијан во септември станаа родители на Алексис Олимпија која веќе има свој Инстаграм профил и преку 100.000 следбеници.