Талат Џафери испрати честитки до ракометарите од Вардар за освоената титула во Лигата на шампиони во Келн. Во обраќањето до нив, претседателот на Собранието напиша дека ова е „историски успех кој нè прави горди и радосни”.
„Од името на пратениците на Собранието на Република Македонија и во свое лично име би сакал да упатам искрени честитки до играчите, до стручниот штаб и до раководството на ракометниот клуб Вардар за освојувањето на првото место во Лигата на шампиони. Освојувањето на оваа европска шампионска титула претставува историски клупски успех на Вардар кој нè направи многу горди и радосни“.
“Со вашите настапи ни покажавте дека тим на талентирани спортисти можат да бидат успешни ако работат заедно за постигнување на заедничка цел. Вашата успешна тимска работа ја донесе победата на завршниот турнир. За тоа сме ви многу благодарни”, напиша Џафери и им посака уште многу вакви успеси во иднина.