Наградниот фонд за годинашното издание на Вимблдон ќе изнесува 31,6 милиони фунти што е за 12,5 отсто повеќе од ланскиот турнир што се играше за 28,6 милиони фунти. Новите шампиони во машка и во женска конкуренција ќе добијат по 2,2 милиона фунти или за 10 отсто повеќе од 2016 година, објавија денеска организаторите на третиот тениски гренслем во сезоната.

Корист ќе имаат и тенисерите и тенисерките што ќе бидат елиминирани во раните фази во Лондон. Оние кои, на пример, ќе бидат поразени во првото коло ќе добијат 35.000 фунти.

Наградниот фонд на неофицијалното светско тениско првенство е повеќе од удвоен во последните шест години. Турнирот во 2011 година „тежеше“ 14,6 милиони, а оваа нарасна на 31,6 милиои фунти.

Вимблдон оваа година ќе стартува на 3 јули што е најдоцен почеток на гренслемот од 1895 година кога тениските возбудувања тргнаа на 8 јули.