Оваа пациентка, која има неславен рекорд во земјата во однос на бројот на заразувања, за среќа, успеала да му одолее на коронавирусот, а последен, трети пат се заразила во јули годинава, кога, исто така, како претходните двапати, не била хоспитализирана. Тетовчанката комплетно се вакцинирала против ковид-19 со вакцина на Синофарм, откако трипати заболела.   

Жена од Тетово на 52-годишна возраст е лицето кое по третпат се разболело од коронавирусот. Првиот пат тестот покажал дека е позитивна на ковид-19  во јули минатата година, кога единствен симптом што се појавил била главоболка, а вторпат таа била позитивна на ковид-19 лани во декември. Таа има висок крвен притисок и хронична бубрежна болест, потврдија за НоваТВ од Институтот за јавно здравје.

Оваа пациентка, која има неславен рекорд во земјата во однос на бројот на заразувања, за среќа, успеала да му одолее на коронавирусот, а последен, трети пат, се заразила во јули годинава, кога, исто како и претходните двапати, не била хоспитализирана. Тетовчанката комплетно се вакцинирала против ковид-19 со вакцина на Синофарм, откако трипати заболела.

А 522 лица двапати се инфицирале со ковид-19, од почетокот на епидемијата, заклучно со 19 септември. Од пријавените случаи на повторна инфекција, петмина починале, пишува во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според податоците до 19 септември, пријавени се 187.068 случаи на ковид-19,  оздравеле 167.810, а починале 6.472 лица. Активни се 12.786 болни.

Во болниците моментално се хоспитализирани 852 лица, а од нив 596 се на кислородна поддршка и 56 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.

Според место на постојано живеење или повремен престој, регистрирани се  случаи на ковид -19 во 35 градови низ државата. Најголем дел регистрирани се во Скопје, Тетово и Куманово.

Од ковид-19 најмногу се разболувале во Кавадарци – 280,8/100.000.

Во извештајот за последната недела, за периодот од 13 до 19 септември, стои дека се тестирани 28.972 материјали, со намалување од 15,2 отсто во однос на минатата недела.

Регистрирани се 3.340 нови позитивни случаи од 32 града во државата, што е за 3,7% помалку од минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 7,8% до 14,3%, просечно 11,4%. Најголем дел од заразените со ковид-19 се од Скопје (1.669; 50,0%), а највисока инциденца е регистрирана во Кавадарци.

Пријавени се 154 смртни случаи во 29 градови во текот на изминатата недела, најголем дел од нив се од Скопје (70), Куманово (12), Струмица (8) и Тетово (8). Најголем број (123; 79,9%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (979, 29,3%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (143; 4,3%). Во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај сите возрасни групи, освен кај возрасните групи од 0-9, каде што има зголемување за 50,5% и кај возрасната група од 10-19 каде што има зголемување за 8,2%.

По добиени 2 негативни теста, со статус оздравени се стекнале 3.441 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, намалување од 12,8% во споредба со минатата недела.

Во текот на мината недела се пријавени 23 повторно инфицирани, што е намалување за 25,8% во однос на минатата недела.

Извештајот на Институтот покажува дека има намалување на инциденцата во 29 градови во државата во последните 14 дена,  во споредба со претходните 14 дена. Во 5 града се забележува зголемување, додека во два града (Пехчево и Крива Паланка), состојбата е непроменета.

(Љ.Б.)