Искуствата од другите земји покажуваат висок раст на странските директни инвестици по влезот во НАТО Алијансата. Ако се земе просек од пет години пред и по пристапувањето на нашите соседи Бугарија и Албанија, се забележува неколкукратен раст на странските инвестиции, вели министерот за финансии Драган Тевдовски во изјава за МИА.

– Кај Бугарија, странските директни инвестиции, анализирано пет години пред и по влезот во НАТО, се скоро три пати повисоки, односно од 7 проценти на 19,8 проценти од БДП. Кај Албанија тие се двојно поголеми, или од 5 проценти на 9 проценти од БДП и тоа во време на светската економска криза. Значи, ефектите можеле да бидат и поинтензивни. Кај Романија, исто така има висок раст, од 2,8 проценти на 7,2 проценти по пристапувањето во НАТО, кај Чешка од 3,2 на 7,7 проценти, кај Естонија од 7,5 проценти на 13,5 проценти. Тоа е прилив на свеж капитал, кој прави нови фабрики, нови производствени капацитети, нови работни места, нови производи, пренесува know-how, вели Тевдовски.

Како што посочува стабилноста и меѓународниот статус кои ги носи членството во НАТО, влијаат на одлуките за инвестиции, како на домашните, така и на странските инвеститори. Во новите земји-членки на НАТО се забележува зголемување и на нивото на вкупни инвестиции. Така, во земјите кои пристапија кон НАТО во 2004 година, просечното учество на бруто-инвестициите во БДП се зголемило од 25 отсто во петгодишниот период пред зачленувањето на 31 отсто во петгодишниот период по зачленувањето.