Меѓународен тим предводен од јапонскиот истражувач Аидо Такузо од Институтот за физички и хемиски истражувања “RIKEN” објави дека успеал да развие нов вид пластика која е издржлива, но биоразградлива во морската вода и не формира микропластика, пренесува јапонскиот медиумски сервис “NHK”.
Тим од научници развива материјал кој ќе ја замени конвенционалната пластика добиена од фосилни горива. Истражувачите, кои ги објавија своите наоди во американското списание “Science”, објаснуваат дека пронашле нов вид пластика која е безбојна и проѕирна и има иста сила и отпорност на топлина како полипропиленот.
Новиот материјал го нарекоа „супрамолекуларна пластика“ или полимери со структура што се држи заедно со потенцијално реверзибилни интеракции.
Микропластиката стана голем проблем кога станува збор за зачувување на планетата, но и за зачувување на здравјето на луѓето, бидејќи научниците открија дека таа навлегла и во нашиот мозок и во другите внатрешни органи.