Пишува Нано Ружин

Колку чини политичката неизвесност и несигурност? Дали најпрецизен одговор можат да пружат економистите, експертите на политичката психологија или геополитичарите? Одговорот мора да биде плуридисциплинарен, но она што го живееја и чуствуваа граѓаните на Македонија во изминатите триесет години независност, можат да го изразат единствено тие. Во  обид за меморизирање на суптилните или грубите реконструкции на  настаните, некои од нив ја стигматизираа и колективната меморија на народот и на политичката елита.

Оваа 2021 е година во која  Северна Македонија одбележува 30 години од независност. Триесетгодишниот јубилеј  беше исполнет со верижните настани кои ја обликуваа историјата на  државата на  патот во изградбата на демократското,  мулти-партиското и мулти-етничкото општество.  Внатрешно-политичка оска беше одбележана со потпишување на Охридскиот договор и имплементација на европските вредности. Надворешно-политичиот наративпомина низ призмата на  една топло-ладна психотерапија на евро-атланските интеграци.  Освен преку конзистентноста на демократизацијата, реформите, регионалната соработка и другите другите копенхашки критериуми наметнати од ЕУ, најголемиот успех на македонската дипломатија  беше достигнат со потпишувањето на Преспанскиот договор (2018) со што се отвори патот кон евро-атланските интеграции.

Во заокружувањето на македонската државност,вмрежена низ трите митски Илиндени почнувајки  од Илинден1903 година, преку Илинден 1944 година кога беше одржано Првото заседание на АСНОМ, и кога  Македонија прераснува во рамноправна федерална единка  на  Југославија, до Илинден во  1991 кога народот се изјасни за независноста, новосоздадената држава беше соочена со прометејски пречки и предизвици. Когнитивниот капацитет на граѓанинот и политичарот безброј пати се соочуваше со дилемата: „Дали ке се успее да се сочува државниот интерес? Дали „оазата на мирот“ ќе преживее? Се покажа дека илузиите на предците, на татковците на независноста  не биле шупливи. Метафората за Илинден продолжи се членството во НАТО, и стремежите за членството во ЕУ. Илинден прерасна во  персонификација за иконографски и идентитетски настани на кои се горди сите граѓаните на Северна Македонија, независно од нивната национална, политичка, полова,  социјална, и друг вид вокација.

Во колективната свест на граѓанинот, за време на изминатите триесет години на независност, пост-комунистичка адолесценција, детски болести на демократијата,  останува и меморијата и за добрите настани на кои се горди но и на оние кои создаваат непријатни емоции, брутални и безобзирни страсти. По „Третиот Илинден“ народот беше горд на успешниот референдум од 8 септември за независноста и на донесувањето на  првиот демократски Устав. Бласфемите на несреќната  Лисабонска декларација на ЕУ за негирање на Македонија од 1991, како и грчкото политичко ембарго генерираа непријатна реа кон моќната Европска Унија. Народот се радуваваше на приемот на РМ за членство во ООН (1993), а пратениците на македонскто Собрание ја изгласаа Одлуката за стапување на РМ во членство на Северноатланската договорна организација НАТО (23.12.1993). Меѓутоа опако беше несреќен со привремената референца (ФИРОМ) која прераснуваше во меѓународна идентификација на државата.  Од 1992 надворешната политика на Грција се фокализираше врз прашањето на уставното име на Република Македонија.

Дали навистина името представуваше една геополитичка закана? Според грчкиот автор Атена Скуларики зад симболичнатаконфронатција околу историјата и културното наследство на Античка Македонија се криел влогот за легитимноста на современите државни граници. Таа сметала дека „ првиот степен кој го одбележува идентитетот…се наоѓа во името“. Во 1999, за време на јубилејниот Самит во Вашингтон, Македонија се здоби со статусот на држава-аспирант во НАТО. Меѓутоа во 2001  Македонија  се најде на работ на меѓуетничка војна поради потценувањето на  мултиетничките вредности во општеството. Со помош на странските олеснувачи, беше потпишан  Охридскиот  договор 2001,  кој во почетокот од страна на македонските „патриоти и националисти“ беше поимуван како пораз со голем скептицизам и недоверба кон иднината. Меѓутоа времето и сите натамошни предизвици ја оправда  историската улога на овој чин. Република Македонија  стана шампион  на мултиетничката демократија на Балканот.

На почетокот на новиот милениум, меѓународната заедница беше изненадена од разорноста на  глобалниот тероризам најнапред со нападите во Њујорк а потоа и ширум Европа. Македонија  се приклучи кон Антитерористичката коалиција (ИСАФ), а македонските мировни сили учествуваа во обезбедување на аеродромот во Кабул, истиот оној кој во август 2021 по победата на Талибанците во Авганистан, ке стане симбол на хаотичното повлекување на стотици илјади Авганистанци соработници на ИСАФ. Интервенцијата во Авганистан коинцидираше и со почетокот на длабоките реформи и трансформации на Алијансата и сојузниците.Алијансата си наметна императиви да го достигне и материјализира слоганот на Олимписките игри на Анри Дидон( Henri Didon)„ За единствен НАТО кој се стреми конcitius, altius, fortius“, односно кон побрзи-повиски-посилни достигања“

Периодот помеѓу јубилејниот 50-годишен Самит во Вашингтон (1999) и следниот јубилеен   Самит во Стразбург-Келн (2009) не променија многу во позициите на Република Македонија кон Алијансата.   На Самитот во Букуреш 2008, и покрај оптимистичките најави на американскиот претседател Џорџ Буш, Грција го блокираше членството на Република Македонија. Прашањето на спорот со името се наметна со целата острина и стана јасно дека „времето не работело за Македонија“. За да биде парадоксот уште поголем, Грците се соочија со самите себе , бидејки кон крајот на XIX век и почетокот на XX век во полза на нивниот национализам, граѓаните на денешна Северна Македонија ги нарекувале Македонци а териториојата Македонија. „ Грците на почетокот на XX век го привилегирале етнонимот – Македонци-за славофоните од Југо-западен Балкан за да ги заштитат од бугарското влијание“, пишува грчкиот аналитичар Костопулос. Меѓутоа во Букурешт 2008, заради името „Македонија“ Атина  ја блокира Македонија да стане дел  од Алијансата исто како што ги блокира во серија обидите на РМ за отпочувањето на преговорите за членство во ЕУ.

На внатрешно-политички план, во пост-букурешкиот период, политичката адолесценција на раководството на ВМРО-ДПМНЕ опиена од политичката моќ и манипулативниот хиперболоид во кој веруваше дека ќе ги задржи на власт повеќе децении, инклинираше кон системот на илибералнат демократија.  Интелигенцијата и странските набљудувачи беа растреперени од  авторитарниот популизам, контролата и апсењето на новинарите, антиквизацијата на Скопје 2014, бруталното исфрлање на опозиционите пратеници од 24 декември 2012 на така наречениот „Црн понеделник“. Меѓутоа по една деценија апсолутна власт, режимот постепено почна да слабее и да го иритира јавното мислење на сите генерации но пред се на младите кои ја активираа „Шарената револуција“.

Вазната се прели со „аферите на прислушувањето“, кои ги открија махинациите околу фалсификувањето на изборите, големите коруптивни зафати, сраснувањето на државниот со партискиот апарат и тн. Меѓутоа политичкото сидротот на единасесетгодишното владеење, сеуште цврсто ја контролираше состојбата во државата. Услужниот претседател воопшто немаше намера да и попушти на мнозинската коалиција на СДСМ, ДУИ и останатите партнери да ја изгласаат нова влада. Така на 27 јуни 2017  се случи и „крвавиот четврток“ осмислен од страна на партијата која го губеше приматот а чија крајна цел беше воспоставување вонредна состојба и апсење на политичките лидери на СДСМ.

Меѓународната заедница беше фрапирана од упадот на толпата партијци и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ во Собраниетo, како и опасностите на дестабилизацијата на државата. Конечно со конституирањето на новата влада, новиот премиер и соработниците се фокализираа врз темата која тиесте години ја оптоваруваше младата македонска демократија, тоа беше прашањето на спорот со Грција околу името.  Со потпишување на Преспанскиот договор благодарение на храброста и виозионерството на Заев и Ципрас  (2018)  се отвори просторот за  приемот на Северна Македонија во НАТО на 27 март 2020г како 30-та членка на Алијансата. Тоа беше уште еден значаен Илинден. Колку и да се прават анализи за комплексноста на македонската транзиција, сите патишта беа поврзани со решавањето на прашањето на името. Од 1993 откако отпочнаа подготовките за преговорите меѓу Скопје и Атиназа името, беа потрошени многу енергија и надежи, беше изгубено скапоцено време за иметобеа потрошени многу енергија и надежи, беше изгубено скапоцено време за Македонија, нејзините позиции беа ослабени и беше закочена секоја идеја за одреден евро-атлански просперитет. Генеологијата на преговорите околу името послужи како изговор, партиски блеф или аргумент за многу изборни процеси, победи или порази, цинизам и луцидност,  волтеровски реплики, националистички билдувања,  политички осуди, дрски настапи. Во новата историја на Македонија како се да поаѓаше и се се враќаше од спорот со Грција и проблемот со името, независно од признавањето на уставното име од страна на САД и Канада во 2004/5  и  133  држави на ООН вклучувајки ги Руската Федерација и Кина.

Македонија изгуби две децении од својот европски и евро-атлански пат, атавистички зависна од решавање на спороткако condition sine qua non на евро-атланската патека, растеше и неизвесноста и безбедносните предизвици. Конечно со Спогодбата од Преспа (2018) беше пронајден логичен епилог на дведецениското чекање пред вратите на НАТО. Цената беше преголема не само заради   дваесетгодишниот успорен аспирантски дијаграм   туку и заради  миопијата, цинизмот, стравот и недостигот на визија  на македонските политичари. Во Македонија едноставно немаше државник кој можеше да го пресече рубиконот кој се викаше – компромис за уставно име на Република Македонија.