Приведена е директорката на Комуналното претпријатие во Гостивар, Артана Асани, како и уште двајца нејзини соработници, како последица на загадувањето на водата во Гостивар.
Во гостиварскиот регион е прогласена епидемија поради загадувањето на водата.
Надлежните информираат дека водата во моментов не е за пиење и не смее да се користи ниту за хигиена и техничка употреба.
Според првичните информации, со неа се уапсени и двајца нејзини соработници, техничкиот директор, Леон Нуредини, и раководителот на водоводот, Вадедин Дервиши.
Делата за кои се гонат се „Загадување вода за пиење” по член 219 од Кривичниот законик, поради сомнежи дека за да се зголеми притисокот во мрежата директно со пумпи се земала непрочистена вода.
Со членот 219 предвидени се и затворски казни за загадувачот, доколку истрагата го докаже кривичното дело. Загадување вода за пиење член 219:
(1) Тој што со некоја штетна материја ќе ја направи неупотреблива водата за пиење во извори, бунари, цистерни или резервоари или некоја друга вода за пиење, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Ако поради делото од став 1 дошло до појава на епидемија на заразна болест, сторителот ќе се казни со затвор од една година до пет години.
(3) Ако делото од став 1 е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.
(4) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.




