Украина и Европската унија ќе одржат самит во Киев на 3 февруари, на кој ќе разговараат за финансиска и воена поддршка, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот Володимир Зеленски.
Зеленски, исто така, по разговорот со шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека очекува во јануари да пристигне првата транша од макрофинансиската помош на ЕУ.
„Страните разговараа за очекуваните резултати од следниот самит Украина-ЕУ, што ќе се одржи на 3 февруари во Киев, и се договорија за интензивирање на подготвителната работа“, се вели во соопштението.
Зеленски и се заблагодари на Фон дер Лајен за нејзината поддршка, додавајќи дека финансиската помош вредна 18 милијарди евра е „исклучително важна во моментов, кога Русија се обидува да собере нови сили за агресија“.
Извор: Н1