Новата унгарска влада се соочува со реакции од компаниите и од инвеститорите поради планот од следниот месец да престане со издавање визи за работници од земји надвор од Европската Унија.
Центристичката партија Тиса на премиерот Петер Маѓар, која ја прекина долгогодишната власт на Виктор Орбан по изборите во април, најави дека мерката има цел да ги заштити работните места и платите на унгарските граѓани.
Нема да дозволиме странски работници да им ги земаат работните места на Унгарците и да ги намалуваат платите, стои во програмата на Тиса.
Сепак, деловните здруженија и компаниите предупредуваат дека ограничувањето на визите може сериозно да влијае врз индустријата и врз услужниот сектор, каде веќе постои зависност од странска работна сила. Компаниите велат дека краткиот рок за воведување на мерката може дополнително да создаде проблеми во производството и вработувањето.
Според официјалните податоци, странските работници сочинуваат околу два отсто од работната сила во Унгарија, но во одредени фабрики нивниот удел достигнува и до 20 проценти.
Сандор Баја, директор на агенцијата за вработување „Рандстад“ за Унгарија, Чешка и Романија, предупреди дека целосна забрана за работници надвор од Европската Унија „нема да биде одржлива на долг рок“, особено поради стареењето на населението.
За разлика од Полска и од Чешка, Унгарија не прими поголем број украински бегалци и работници кои би можеле да помогнат во ублажување на недостигот на кадар на пазарот на труд.




