Децата кои живеат во кризните подрачја во светот оваа година се изложени на напади од шокантни размери, објави Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ).

Напаѓачите бесрамно го занемаруваат меѓународното право кое е осмислено за да ги заштити најранливите, се наведува во соопштението од УНИЦЕФ.

– Децата се мета и се изложени на напади и насилство во нивните домови, во училиштата и на игралиштата. Светот не смее да остане игнорантен на тие напади и таквата суровост не смее да стане нормална, изјави директорот на програмата на УНИЦЕФ за вонредни состојби Мануел Фонтаин.

Според УНИЦЕФ, децата се користат како жив штит, ги убиваат, осакатуваат и регрутираат за борби. Силувања, присилни бракови, киднапирање и поробување станаа стандардни тактики во судирите во Сирија,  во Јемен,во Нигерија и во Мјанмар.

Милиони деца станаа жртви на тие судири, страдајќи од неухранетост, болести и повреди, додека од друга страна поради борбите оневозможени им се основните услуги како пристап до храна, вода, здравствена заштита и санитарни услови.

Во Конго 850.000 деца се протерани од своите домови, а околу 350.000 се неухранети.

Во борбите во Јемен, кои траат речиси илјада дена, настрадаа околу 5.000 деца (загинати и повредени), констатира УНИЦЕФ.