Уставниот суд ја поништи одлуката со која беше распуштено Собранието на Република Македонија. Судиите едногласно ја прифатија Иницијативата на ДУИ и одлучија дека актот со кој се изгласало распуштање на Собранието со одложено дејство е невалиден. Поништувачката одлука на судот, значи дека актот како воопшто да не бил донесен.
Ова е експресна одлука на Судот, откако минатата недела прифатија да ја разгледаат Иницијативата. До денеска важеше и времена мерка за запирање на сите изборни дејствија. Денешната одлука влегува во сила со објавувањето во службен весник, со што престанува да важи времената мерка.
По одлуката на судот минатата недела да ја прифати Иницијативата и да стави времена мерка на изборните активности, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски експресно закажа собраниска седница на која се одложија изборите закажани за 5. јуни, а претходно се констатираа и оставките на министрите од СДСМ, а подоцна се направени измени и во Законот за помилување.