За утре во 13 часот на плоштадот Скендербег во Скопје е најавен протест против одлуката на судот за обвинетите во процесот „Диво насеље“.
Според информациите од МВР, вчера (03 ноември) во полициската станица „Бит Пазар“ протестот бил најавен од страна на претставници на Здружението за албанска култура.
Во повикот за протестот што го пренесоа дел од домашните медиуми е наведено „да присуствуваат сите граѓани кои сметаат дека ваквото изживување и самоволие на судот во изрекување на казните се уште еден пример за неправедна правда и двојни аршини од страна на судот“.
-Нашето учество само ќе укаже за тоа колку сите сме за соживот, без маски и агенди, велат организаторите и најавуваат дека протестите ќе завршат пред Основниот суд Скопје 1.
Во соопштението на МВР во врска со најавениот протест стои дека „полицијата ќе ги преземе сите потребни мерки и активности за зачувување на јавниот ред и мир“.