Откако обвинетите предизвикаа тензија во судницата и по наредба на судијата Верка Петковска беа отстранети, таа, пресудата за триесет и седуммина обвинети во случајот Диво Насеље ја прочита во полупразна судница.

Пресудите се изречени по две основи „Терористичка организација“ и „Тероризам“.

Осудени се вкупно 33 лица, од кои 7 на доживотен затвор 13 лица на 40 години, 6 на 20 години, едно лица на 18 години затвор, две на 14, едно на 12 и три на 13 години затвор.

За четири лица судот донесе ослободителна пресуда затоа што обвинителството не успеало да докаже дека освен основано сомнение има и друго дело.

За шеснаесет од осудените судот донесе одлука за трајно протерување од државата.

Образложението на судијката по изрекувањето на пресудата беше дека доказите што ги понуди обвинителството покажале дека обвинетите што се прогласени за виновни ги сториле кривичните дела тероризам и терористичка организација, дека доказите јасно ги утврдуваат приликите поради кои обвинетите дошле во Македонија, начинот на кој тие влегле во земјава, како се засолниле и како во групи се обиделе да се префрлат во Диво Насеље во Куманово, каде што на 9 и 10 мај 20015 извршиле терористички напад.

Покрај досудените казни, обвинетите добија задолжување од судот да ги надоместат трошоците за судската постапка, односно за нивниот спровод од затворите до судот, кои изнесуваат  од околу 13 милиони денари.

На доживотна казна се осудени Анди Красниќи, Фејзулаки Фадуљ, Насув Бекири, Валдет Зекај, Бек Бајра, Фејзула Руштими и Деме Шеху.

Тензично во судницата, но и пред судот

На почетокот на судењето, додека судијката ги евидентираше обвинетите дали се присутни во салата, тие станаа, почнаа да извикуваат „УЧК, УЧК, УЧК“, „Ветување си е ветување“, ја пееја албанската химна и викаа „Ние не сме терористи, терористи се оние кои го нападнаа Собранието. Ние никого не нападнавме, напротив – бевме нападнати.“

Шефкет Халичи, еден од обвинетите се соблече полугол, а полицијата го покри со ќебе.

По ова, судијката нареди сите што се станати да бидат изнесени од судницата.

Во судницата беа пуштени и роднините на обвинетите, но дел од нив, откако видоа дека обвинетите не се во салата, доброволно ја напуштија салата. На читањето на пресудата, останаа само неколкумина.

Додека сето ова се случуваше во судницата, надвор пред Судот, полицијата уапси човек кој се обиде да го помине кордонот и да му се приближи на Судот. Лицето на појасот имало прикачено торба. Од МВР велат дека приведениот бил 55 годишен жител на Арачиново со иницијали И.И.

„Тоа што е најдено на неговиот појас моментално е на вештачење и штом имаме некаква конкретна информација ќе ја информираме јавноста“, велат од МВР.

Адвокатите тврдат дека казните се драконски, а случајот монтиран

Насер Рауфи, еден од адвокатите на обвинетите по завршувањето на рочиштето во изјава за медиумите рече дека очекувале нереални казни, но она што денеска било изречено било надвор и од нивни очекувања.

„Казните се драконски. Ние како одбрана не очекувавме коректни казни, но не очекувавме ни вакви драконски казни. Обвинителството се уште не е реформирано. Со меѓународна истрага ќе докажеме дека овие луѓе се донесени овде за туѓи интереси. Сите бранители ќе поднесеме жалба на пресудите за обвинетите. Има информации за докази со кои ќе се докаже дека ова е монтиран случај. Се надеваме дека ќе има меѓународна истрага и дека ќе се реши овој случај. Тајните служби го измонтираа“, изјави Рауфи.

Адвокатот Асмир Алиспагиќ рече дека пред повисоките судови ќе докажат дека не постои дело тероризам.

„Денеска судот донесе енормно високи казни за лицата кои ги прогласија виновни, ние сметаме дека во ваква ситуација не се содржани субјективните и објективните причини за кои се обвинуваат. Веруваме дека пред повисоките судови и пред СЈО во понатамошните делови на постапката ќе покажеме дека не постои дело тероризам и терористичка организација. Идејата за меѓународната истрага, која ја најави Спасовски, е во интерес на вистината за жртвите. Мислам дека уште тројца требаше да бидат ослободени, но се надевам дека повисоките судови ќе го имаат предвид нашето укажување“, рече тој.

Семејствата на обвинетите ги обвинуваат политичарите дека го наместиле овој случај.

„Што да кажеме кога полицијата пукаше врз главата на двегодишно дете. Тоа никој не го видел, сите гледаа во камерите, но не во живо. Можат само душата да ни ја земат, друго немаме што да дадеме. Никој не знае зошто се осудени на толку години затвор, одговорот го имаат само тие што се на власт. Политичарите ја наместија оваа работа. Граѓаните нема што да прават. Македонците и Албанците имаат иста душа, криви се политичарите“, велат членовите на семејствата на осудените.

Што се случи на 9 и 10 мај 2015 година во Куманово

Борбата во Куманово почна утрото на 9 мај. Пукотниците доаѓаа од населбата над пазарот. Среде градот. Полициски пунктови и хермелини беа поставени на секој метар на патот што водеше кон населбата каде што се пукаше – Диво Насеље. Во престрелките загинаа осум припадници на специјалните полициски единици, а 37 беа повредени. Според официјалните информации, терористичката организација со која се бореа специјалците броела 40 лица, од кои 10 беа убиени, а по борбите на полицијата и се предадоа 28 лица. Како водачи на групата беа идентификувани Мирсад Ндрецај  и  Бег Ризај кои се меѓу убиените, Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Деме Шеху.

На 10 мај Министерството за внатрешни работи по завршувањето на борбите, излезе со изјави и со соопштенија дека е ликвидирана „една од најопасните терористички групи на Балканот“, којашто планирала напади на државни институции. Нападите сакале да ги вршат во Скопје.

Судскиот процес за овој случај започна на 9 февруари, минатата година. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвиненија против 37 лица (29 уапсени непосредно по борбите со полицијата и 8 кои подоцна беа обвинети како логистика на групата), за кои тврди дека има доволно докази дека се виновни за тероризам и терористичка организација.

Два дена по настаните, тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска си поднесоа оставки.