Предлогот на СДСМ, Цветанка Иванова да биде именувана за нов Генерален секретар на Собранието денеска помина на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. На оваа одлука и претходеше одлука за разрешување на досегашниот генерален секретар Жарко Денковски.
Седницата на собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата беше прекината на третата точка на дневниот ред.
Членовите на Комисијата требаше да се изјаснат за предлозите за заменици на претседателот на Собранието на РМ. Продолжението на Комисијата ќе биде дополнително закажано.
Пратеникот Димитар Стевананџија претходно на комисијата предложи Собранието да објави одлука за избор на генерален секретар и за заменици на генералниот секретар преку конкурс, кој треба да има најмалку 8.5 просек на факултет.