Жителите на Валандово успеаја да ги соберат потребните 2.000 потписи со кои може да се распише референдум на кој ќе се изјаснат дали се за или против изградба на рудникот Казандол.
Иницијативата „Спас за Валандово“ соопшти дека потребните потписи за покренување на граѓанска иницијатива се собрани во рекордни 3 часа.
Тие тврдат дека рудникот ќе ја загади околината, штетно ќе влијае врз здравјето на луѓето, а постои и опасност од загадување на земјоделското земјиште со што голем број на земјоделци може да го изгубат единствениот извор на приход.
Претходно обидот за да има референдум во Валандово беше отфрлен од страна на општинските власти.
За Казандол идниот месец ќе се изјаснуваат и жителите на Богданци, откако на последната седница на општинскиот совет беше одлучено да се одржи референдум за или против рудници.
Ваквиот бран референдуми следува по успешно спроведениот во Гевгелија, каде гевгеличани со огромна поддршка гласаа против изградба на рудник на Кожуф.