Се сеќавате ли на тазе аферата која го обиколи светот, а во која главни актери беа млади велешани кои со измислени вести за Хилари Клинтон преку портали регистрирани во Македонија ја помогнаа изборната победа на Доналд Трамп? Сите измислици и тешки клевети за противникот кампањата на Трамп ги пласираше преку вебовите на велешани. НОВА открива дека оваа стратегија веднаш е копирана од владејачката партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ.

„Заев договарал поделба на Македонија во Швајцарија“, „Се за Сорос: Владетел на светот и човек кој одлучува за нашите животи или обичен преварант“?

Овие наслови од завчера можат да се прочитаат на новиот хрватски портал Alo.com.hr. Овој портал започнал со работа на 16 ноември и има објавено вкупно три текста, но веќе е познат и на големо се споделува во Македонија на социјалјните мрежи. Профилите на оние кои ги споделуваат овие текстови им припаѓаат на членовите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ.

janko

Водителот на емисијата „Јади бурек“, Јанко Илковски, на својот фејсбук профил веќе го постирал текстот во кој пишува дека на Заев му биле понудени 10 милиони долари за да ја подели Македонија.

НОВАТВ направи истрага за овој нов портал на хрватскиот пазар и трагите не вратија назад во Македонија. Имено, кога порталот Alo.com.hr го проверивме на хрватскиот пребарувач на домени како корисник ни го даде името на фирмата Њу Медиа Ентерпрајз (Nju Media Enterprajz) регистрирана на улица „Васил Ѓоргов“ 24/28 во Скопје, поточно во населбата Капиштец.

gorgi-1 gorgi-2

НОВАТВ од Централниот регистар извади документ за да ја провери сопственоста на Њу Медиа Ентерпрајз. Сопственик и управител на оваа фирма е Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев од Берово. Ѓорѓиев истовремено е веб администратор и вработен во маркетинг во провладиниот портал Пулс24.мк (www.puls24.mk). Пулс24 пак е во сопственост на Филип Петровски, директорот на Архивот на Република Македонија и член на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Името на Ѓорѓиев се појавува и како веб администратор на провладиниот портал А1.mk, кој се отвори во 2014 година како регионален медиум.

Порталот Alo.com.hr во Хрватска е регистриран на 15 ноември. Оние кои подетално ќе ги прочитаат сите три текста на хрватскиот портал со македонски корени, веднаш можат да забележат и некои наивни грешки. Така на пример пишува Швајцарска, а на хрватски јазик е Швицарска.

domein

Потполно ист веб портал регистриран е и во Србија под називот Saznajemo.rs во ист ден на 15 ноември. Кога ќе го отворите овој портал трите текстови се идентични како и во хрватскиот Ало. Се обидовме да провериме кој стои и зад овој портал, но податоците се заштитени. Сепак може да се види дека е регистриран со истата дата како и тој во Хрватска и од истата ИП адреса.

 

srbija

Инаку, за Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев во македонските провладини медиуми се објавувани прилози во кои тој е прикажан како млад и успешен човек, кој преку проектот за самовработување добил 3.000 евра неповратни пари со кои ја отворил „ИТ компанија“. Името на Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев може да се прочита и во импресумот на македонскиот портал Најади.се.

pop-gorgiev

ВМРО-ДПМНЕ како партија е позната по пропагандата машинерија и разните методи со кои се служи во медиумите за да влијае на мислењето во јавноста. Сепак, овие „финти“ кои доаѓаат од кујните на блиските кругови на партијата на Груевски, се нови и за прв пат ги воведуваат пред претстојните парламентарни избори на кои поради Пржинскиот договор македонските медиуми ќе бидат под специјален мониторинг. Но, кога медиумите не се во Македонија, тогаш одговорноста е недостижна.

alo-hr saznajemo