Отворен Балкан, Берлински процес, ЦЕФТА и многу други инцијативи се обидуваат да ја мобилизираат соработката во регионот во функција на неговиот социо – економски напредок. Што се случува со овие инцијативи и колку се успешни? На овие прашања во интервју за НОВА одговара Ванчо Узунов, професор на Правниот факултет  и национален координатор за Берлинскиот процес. Надминувањето на бариерите за движење на стоки се дел од активностите во рамките на CEFTA, а и тука работите се одвиваат на истиот начин – на експертско ниво, помалку или повеќе, сé е во ред; но, кога ќе дојде до потпишување на протоколи, договори и сл., работите застануваат” вели Узунов во интервју  за НОВА

НОВА: Кои се придобивките за Македонија и регионот од досегашниот ангажман на Берлинскиот процес кој беше дефиниран во 2014 година? Што добија граѓаните од оваа иницијатива која трае веќе 8 години?

– Најнапред малку да ја објасниме темата. Берлинскиот процес е започнат како иницијатива поттикната од Канцеларката Ангела Меркел, а како одговор на тогашното времено „замрзнување“ на процесот на интеграција во ЕУ на 6-те држави од Западниот Балкан: Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Албанија, Косово и Северна Македонија. Основната идеја била и останала да се поттикне економскиот развој на овие држави преку нивно економско поврзување, што секако требало да има позитивно влијание и врз другите (политичките, безбедносните и тн.) состојби во регионот.

Во таа смисла, многу е битно да се истакне и да се знае, дека Берлинскиот процес никогаш не бил ниту замислен, ниту бил спроведуван како алтернатива за овие држави за нивната интеграција во ЕУ. А точно е дека стравување и внимателност кај одделни актери од регионот во таква смисла постоеја, особено на почетокот. Со тек на времето се покажа дека тие стравувања се нереални. И дека токму регионалната економска интеграција е основа за интеграцијата на државите во ЕУ.

Берлинскиот процес на почетокот започна пред сé како процес на поврзување на државите, (тнр. Connectivity Agenda), па затоа тогаш процесот беше сконцентриран главно на прашањата на изградба на патна и друга инфраструктура за движење на стоки меѓу 6-те држави, како и поврзување на тие држави во заеднички енергетски пазар (енергетска заедница).

Потоа, во 2017 година, процесот беше проширен и на други области, пред сé во доменот на таканаречените „четири слободи на ЕУ“ (слобода на движење на стоки, на услуги, на капитал и на луѓе). Тогашниот економски дел од Берлинскиот процес беше наречен Регионална економска област, за што беше донесен и повеќегодишен акциски план со задачи за имплементација. Целиот процес на градење регионална економска област се базираше на имплементација на правилата за слободно движење во рамките на ЕУ, а како механизам се користени правилата на CEFTA, во која членуваат сите држави од Западниот Балкан. Кон наведениот аспект на економско поврзување, се разбира, како посебен пилар беше додадена и дигитализацијата.

Потоа, во ноември минатата година, Берлинскиот процес ја започнува последната (и сé уште актуелната) фаза на градење на Заеднички регионален пазар. За таа цел, на Самитот во Софија минатата година, беше усвоен четиригодишен Акциски план за градење Заеднички регионален пазар. Во основа, станува збор за градење на навистина единствен „економски простор“ (единствен пазар) меѓу 6-те држави од Западен Балкан – преку елиминирање на сите бариери за целосно слободно движење низ регионот во секоја смисла. Покрај слободата на движење на стоки, се работи и за слобода и на движење на услуги, за што е битно да се признаат како еднакви и квалификациите на работната сила; потоа слобода на движење на луѓе меѓу државите само со лични карти; слобода и еднакви правила за воспоставување на бизнис во било која држава; и тн.. На тоа се надоврзуваат  и механизмите и активностите за постепена надградба на конкурентната способност на економиите на 6-те држави, поддршка и потикнување на иновациите, имплементирање на таканаречената „паметна специјализација“ и сл.

Да бидеме искрени, ваков процес може да биде само и единствено корисен за сите држави од регионот во секоја смисла. Речиси секаде во светот, кога одделни држави од еден регион ќе изградат економска поврзаност во заеднички економски простор, добиваат сите држави и најголем дел од граѓаните во нив. Се разбира, тоа е дел од глобализацијата, во која епоха денес живее целиот свет, па едноставно не вреди да се противиме на тоа. Но, како што се случува секогаш со ваквите процеси, има поединци (граѓани или бизниси) кои имаат изградени пазарни позиции во „затворено окружение“, па затоа тие „сили“ се спротивставуваат на економската либерализација. И „играта“ вечно продолжува во рамки на спрегата (рамнотежата) на двата спротивставени лостови, што го определува нивото до каде напреднува либерализацијата во даден момент, како и динамиката за нејзиното движење напред во иднина.

Што добија граѓаните од Берлинскиот процес до сега? Највидлив дел е елиминирањето на трошоците за „роаминг“ во државите од регионот, но секако не е само тоа. Сепак, да бидеме и искрени, процесот не ги донесе предвидените резултати, што значи дека и понатаму постојат сили, и тоа доволно моќни, што се спротивставуваат на целата идеја за целосно регионално економско поврзување на Зарадниот Балкан.

НОВА: До каде е имплементацијата на обврските за создавање на единствен регионален пазар на Западиот Балкан?

– Како што реков, градењето заеднички регионален пазар е постојната етапа на Берлинскиот процес но, искрено, имплементацијата на активностите се одвива со забавено темпо. Вака, работите за имплементација на обврските се одвиваат на, условно речено, две нивоа. Едното е експертското (административното), и тука работите напредуваат сосема добро. Под стручно водство на Регионалниот совет за соработка и Секретаријатите на CEFTA и Транспортната заедница, преговорите на експертско ниво, како и изработката на заеднички правила, документи и сл., се одвиваат според планираната динамика. Не дека тука не се појавуваат проблеми и дилеми, но низ процес на дебата, аргументација, почитување на правилата на ЕУ, соработка и слично, тие се надминуваат. Но, потоа доаѓа политичкото ниво, и тука работите заглавуваат. На ниво на реторика, сите политичари од сите 6 држави го поддржуваат процесот, и тоа силно. Но, кога ќе се стигне до потпишување на заеднички „обврзувачки документи“ (не само декларации, туку обврски), работите заглавуваат заради неколку „формални“ причини. Без да навлегуваме во конкретното наведување на тие причини, битно е дека тука имплементацијата на обврските застанува, и тие застои потоа траат релативно долго време.

НОВА: Кои се резултатите од ангажманот на Стопанските комори и соработката меѓу нив во рамките на процесот?

– Соработката на стопанските комори во рамките на Берлинскиот процес, особено во неговите две последни фази, е навистина добра, а еднакво е битна и корисна и за целиот процес. Всушност, вклученоста на стопанските комори му дава на целиот процес нота на реалност, на „реален свет“, за да се избегне чистата експертска или административна компонента на делување. Бизнисмените се оние кои најдобро ги знаат работите во пракса, оние кои секојдневно реално се судруваат со сите пречки, па затоа нивното вклучување е навистина битно и корисно. Стопанските комори делуваат на ниво на посочување на проблемите, на ниво на предлагање на можни решенија, како и на ниво на туркање на процесот напред.

Во оваа смисла, за Берлинскиот процес битна е вклученоста и на невладини организации, на младински организации и здруженија и сл. Во ова современо време на мултиполарност на сите интеракции, спреги и нивоа во рамки на сите општества (држави), ваквиот пристап е најсоодветен. Да бидеме искрени, да беше само до стопанските комори и невладините организации и здруженија, целиот Берлински процес ќе беше многу понапреднат.

НОВА: Една од целите на процесот е да се отстранат бројните бариери кои го оптоваруваат протокот на стока. Дали е направен пробив во тој правец?

– Надминувањето на бариерите за движење на стоки е дел од активностите во рамките на CEFTA, а и тука работите се одвиваат на истиот начин – на експертско ниво, помалку или повеќе, сé е во ред; но, кога ќе дојде до потпишување на протоколи, договори и сл., работите застануваат.

НОВА: Дали корупцијата во регионот е еден од проблемите во имплементацијата?

– Корупцијата, секако, е неодминлив и незаобиколен дел на сите реформски процеси, како и дел од проблемите поврзани со имплементацијата на тие реформски процеси, па истото не е заобиколено ниту во случајот на Берлинскиот процес. Брзината со која ќе се решава проблемот на корупцијата во сите држави во регионот, е брзината со која регионот – како и секоја држава во него одделно – ќе се движи кон економски и вкупен ошштествен напредок.

НОВА: До каде се напорите на овој процес да ја зајакне регионалната економска соработка со цел да се привлечат странските инвестиции во регионот?

– Регионалната компонента во привлекувањето на странски директни инвестиции треба да биде една од најсилните компоненти на регионалната економска интеграција на Западниот Балкан. Во регионот сите држави се мали држави, па затоа не се многу атрактивни за голем број странски инвеститори. А како целина тие прават значително поинтересен економски простор. Впрочем и самите странски инвеститори најчесто имаат регионален хоризонт во планирањето на своите вложувања. Во таа смисла, регионалната економска поврзаност значи многу поголема атрактивност за странски иневстици за секоја држава одделно. Меѓутоа, како и за други прашања, наместо како „комплементи“, државите од Западниот Балкан во однос на привлекувањето странски инцестиции меѓусебно се гледаат како конкуренти. Наместо да соработуваат, тие често гледаат како да си ги превземат инвеститорите една на друга, или како, преку одобрување на разни привилегии за странските инвеститори, да станат попривлечни до соседите. Сосема спротивно на тоа што е најдобро. Останува да видиме до кога тоа ќе биде така…

НОВА: Која е разликата меѓу Берлинскиот процес и иницијативата Отворен Балкан? Дали се тоа два процеси во колизија, или се комплеметарни еден на друг, имајки во предвид дека дел од земјите во региот не учествуваат во иницијативата Отворен Балкан?

– Берлинскиот процес и иницијативата Отворен Балкан (до скоро нарекувана „Мини Шенген“) се две, би рекол, потполно идентични (комплементарни) активности. Само што Берлинскиот процес ги опфаќа сите шест држави од Западниот Балкан, а иницијативата Отворен Балкан е помалку инклузивна и опфаќа 3 од државите од Западен Балкан. Но и Отворениот Балкан останува (декларативно) отворен за прифаќање од страна на 3-те држави кои не членуваат во него во моментот. Идејата за Отворен Балкан, начелно, е произлезена од проблемите што го оптоваруваат Берлинскиот процес. Имено, меѓу 3-те држави во Отворен Балкан, барем до сега, ги нема политичките проблеми што ги има кај Берлинскиот процес, па постои основа за верување дека така односите меѓу тие три држави и нивното меѓусебно економско отворање ќе бидат значително полесни.

НОВА: Какви се шансите на иницијативта за Отворен Балкан, имајки ги во предид вашите искуства од работата во рамките на Берлинскиот процес? Што недостасува за успех на бројните регионални иницијативи за соработка?

– На иницијативата Отворен Балкан ѝ недостасуваат некои компоненти што се битни за имплементирање на такви реформски процеси. Имено, сега за сега, недостасува целосен акциски план на реформски зафати, како и целосна институционална инфраструктура за придвижување на сите реформи. Кај Берлинскиот процес тоа постои. Останува и за ова да видиме што ќе се случува во (блиска) иднина. Има некакви планови, но од планови до реализација – на Балканот тоа е тешко да се предвидува и прогнозира.

Борјан Јовановски