Речиси еден месец, младата либерал демократка Моника Зајкова е нова претседателка на партијата која беше избрана  на осмиот партиски конгрес како единствен кандидат за функцијата. Зајкова, која досега беше потпретседателка на ЛДП и пратеничка во Собранието, го наследува Горан Милевски кој партијата ја водеше од 2015 година. Во интервјуто за Фронтлајн таа говори за политиките на ЛДП во однос на актуелните состојби и акцентира дека ни се потребни реални и остварливи политики, додека популизмот не ни носи ништо добро.

Зајкова ја истакна отвореноста на либерал демократите кон прашањата за ЛГБТ заедницата, и можноста да се озаконат еднополовите партнерства, потоа за легализација и депенализацијата на канабисот, бидејќи идеолошката позиција на оваа партија секогаш ќе се залага за индивидуата и потребата на човекот.  Вели дека не треба да се плашиме од промени и предизвици и дека во моментов е најважно спроведување на европската интеграција.

Според неа државата треба да направи безбедносна стратегија за справување со сајбер нападите и како членка на НАТО да биде подготвена за сите ризици. Вели дека во 21 век етничките прашања се бесмислени и сите треба да размислуваме за заеднички подобар живот, додека радикалните десничари ги коментира како играчи со емоции и смета дека тоа е опасно.

„Патот напред ќе го проектираме со реални а не популистички политики. Зошто многу е лесно да зборувате популистички кога немате одговорност во спроведување на тие политики. Десничарите во услови на криза се во подем, но тоа е само играње со емоции и на долг рок се покажува дека ништо од тоа не е реално.“, вели Зајкова.

Дали и на кој начин ќе се промени политиката на ЛДП со Вашето доаѓање на чело на партијата? Кои се приоритетите на партијата и како тие кореспондираат со владините стратегии, политики и практики?

„Либерал демократската партија постои уште 1996 година и таа има своја програма која што согласно глобалните текови и се менува. Ние сме во владината коалиција од самиот почеток и нашите политики таму се веќе дефинирани во однос на тоа со што партиципира ЛДП. Иако можеби за граѓаните е нејасно,  кога сте во коалиција како да се губи тоа што е идеолошки ваше, но еве можам да напоменам дел од работите што ние сме ги издејствувале во рамки на оваа Влада.  Ние секако учествуваме во донесувањето на сите одлуки, но на пример дел од ултиматумот за коалицирање од наша страна беше задржување на рамниот данок, кој што со даночните реформи се задржа, викенд без ДДВ беше исто така наш предлог, и сега се разгледува можноста на кој начин да биде имплементирано. Потоа, субвенциониран студентски оброк, потоа Законот за спречување и заштита од дискриминација кој има пошироки основи, меѓу кои е дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, неработна недела и низа други мерки кои сме ги предлагале и влегле во оваа владина програма. Нормално приоритетите на ЛДП ќе останат оние што се владини приоритети, како што е борбата со корупција, забрзан економски развој но и дел од реформите кои се однесуваат на образованието и младинските политики.“

Ново раководство, нова енергија… Кои се Вашите планови да се вклучите во клучните теми и процеси? Како ќе придонесете кон забрзување на македонската ЕУ-агенда, регионалната соработка, како и кон плановите за надминување на критичните состојби, како што е енергетската криза и безбедносните ризици од руската агресија против Украина? 

„Собранието го усвои пакетот кризни мерки со кои со 760 милиони евра се помага на ранливите категории на стопанството а ЛДП е и предлагач на декларацијата со која се осудува руската агресија врз Украина. Јас сум една од ретките пратеници која со уште неколку либерали од Европа имаше можност да види на лице место што се случува во Украина, и навистина тоа што ќе го видите со свои очи и тоа што го гледате на телевизија е различно, и таму луѓето навистина се борат за опстанок и секој што има повисока свест треба да ја осуди војната. Не бараме тука кој е виновник, можеби за војна треба двајца но самиот акт на воени дејствија треба да се осуди и затоа предложивме декларација која што Собранието ја изгласа само со чинам два гласа против. Безбедносните ризици секогаш постојат, неодамна се вратив и од Брисел бев во посета на НАТО и таму се зборуваше и за сајбер нападите кои ќе доаѓаат, гледаме што се случува изминатиов период, и навистина државата треба да креира една стратегија и нормално ЛДП може да даде свои предлози и мерки како да се справиме.

Во делот на ЕУ агендата сите треба да имаме висока државна свест и ако сме зацртале дека ние стратешка цел влезот во ЕУ, заедно да придонесеме во одење кон тој пат. Тоа што може ЛДП да се пофали во изминатиот период е дека ние доставивме уште во 2021 година дека земјите од Западен Балкан да можат да се вклучат во телеком системот и нашите граѓани да користат бесплатен роаминг кога патуваат во странство. Во својата резолуција Советот на Либерал демократите од Европа ја усвои оваа резолуција, и видовме дека на Самитот за Западен Балкан во Тирана веќе се потпиша договор за намалување на цените, иако ние ќе инсистираме до крајот на 2023 година сосема да биде бесплатно“.

Кои се решенијата што може да ги предложи ЛДП за да се надминат последиците од скандалите поврзани со градската управа на главниот град, хаосот во сообраќајот, „рачињата во медот“ и запоставувањето на основните функции на локалната самоуправа, на сметка на граѓанките и граѓаните? 

„За рачињата во медот или коруптивни скандали многу е несериозно само да шпекулираме. Доколку има индиции институциите би требало да постапуваат и да испитаат. Во она што е надлежност на Грдската власт ние не може да се мешаме. ЛДП го има министерството за локална самоуправа но тоа не е министерство кое врши надзор. Ние ќе излеземе со свои предлози за Градот, а конкретно ова што се случува, навистина одговорност треба да преземат луѓето што го претставуваат Град Скопје.“

Како ќе ги оцените меѓуетничките односи во земјава? Дали заедништвото и солидарноста меѓу Македонците и Албанците, изразени во изминатиот период, значи дека прашањата се затворени? Има ли ризици, можеме ли подобро и како? 

„Во 21 век не би зборела за поделби на Македонци, Албанци, Турци Роми. Ако сме детектирале дека сме мултиетничко општество треба да го развиваме тој дух на мултикултурализам, и заеднички да работиме за подобар живот на секој еден што живее во оваа земја. Либерал демократската идеологија е можеби најблиска до индивидуата и до човекот. По зимските празници ЛДП ќе има Конгрес каде што ќе ги промовираме либерал демократските иницијативи, и тоа се политики кои ќе значат подобрување на секојдневниот живот на човекот. Мислам дека етничките прашања се одамна надминати и не треба воопшто да ги разговараме.“

Се пофаливте дека декриминализацијата и депенализацијата на канабисот се во владината програма по предлог на ЛДП. Кога да се очекува имплементација на владината програма за канабисот?

„Канабисот е тема за која се говори чинам 6 години. Се формираа работни групи се одржаа голем број на конференции. Гледаме дека Законот за опојни дроги и психотропни супстанци е закочен во Собранието. Депенализацијата не знаеме зошто не се прави зошто тоа е одредба што може да се регулира во Кривичниот законик, дека до извесна количина за лична употреба нема да се гонат кривично, иако и сегашниот закон не е јасен и не е дециден но во таа општа формулација на кривичното дело, Јавното обвинителство си донело свој правилник, и ги гони оние кои употребуваат. ЛДП ќе поднесе барање за измени во Кривичниот законик во делот на депенализацијата на канабисот, а во делот на Законот за декриминализацијата треба да има политичка волја да не биде блокиран во Собранието.“

Кој е Вашиот став за Апасиев? Што има Зајкова да им порача на радикалните десничари, особено на младите? 

„Не би коментирала за личноста на ниту еден човек, во однос на политиките што ги води Левица како партија, тие си имаат своја идеологија, тоа што можам да кажам дека е многу опасно во 21 век да се игра на национална карта и да се поигрувате со емоциите на луѓето. Знаеме дека поигрувањето со емоции во време на криза, можеби носи некои гласови но не носи ништо добро на долг рок за воспоставување на системот во државата. Кога водите држава навистина треба да имате одговорност и да знаете во кој правец ја движите државата. Патот напред ќе го проектираме со реални а не популистички политики. Зошто многу е лесно да зборувате популистички кога немате одговорност во спроведување на тие политики. Десничарите во услови на криза се во подем, но тоа е само играње со емоции и на долг рок се покажува дека ништо од тоа не е реално.“

Кои се перспективите на македонската зелена агенда? Има ли доволно политичка волја, но и капацитети и услови за нејзино спроведување? 

„Почната е некоја зелена трансформација, меѓутоа потребни се многу системски и суштински реформи.“

Кои се плановите на ЛДП во поглед на унапредување на правата на ЛГБТИ заедниците?

„ЛДП била секогаш отворена во однос на овие прашања, има напредок, формирана е независна комисија за спречување и заштита од дискриминација, но не треба само овој Закон да биде единственото нешто со кое ќе се фалиме дека сме направиле нешто. Секогаш ќе давам поддршка на оваа заедница, затоа што сметам дека како што сме еднакви пред државата и како даночни обврзници, така треба да бидеме еднакви и во правата. Предлагам исто така набрзо да се врати Законот за истополови партнерства, и не треба да сметаме дека некому му подаруваме права.“

Ана Василевска 

Камера: Александар Ризински

Монтажа: Ариан Мехмети 

Извор Фронтлајн