Еден од водечките светски фестивали и убедливо најголемиот во регионов, „ЕГЗИТ“ (EXIT) фестивал ја состави целокупната програма која ова лето ќе биде во знакот на најсилните музички изданија.

Први меѓу најдобрите кои од 7 до 10 јули ќе зачекорат на Петроварадинската тврдина се Калвин Харис, Ник Кејв и „Бед Сидс“, Иги Азалиа, Џејмс Артур, Маскд Вулф, Зу, Сепултура, Масео Плекс, Хани Дижон, Борис Брејча, Стефан Бодзин, АРТБАТ, Денис Султа, Диџеј Тенис, Анфиса Летјаго, Марки Рамон, „Напалм Дет“, „Експлоитед“, „Блајнд Чанел“, Адам Бејер б2б Енрико Сангилиано, Дакс Џеј, Сама’ Абдулади, како и силната регионална екипа која ја предводат Кирил Џајковски, Констракта, Сенида, „Прти Бе Ге“, Марчело, „Бркови“, „Артан Лили“, „Параф“, Кило Кило, Мими Мерцедес, „Деца лоших музичара“, а ним им се придружуваат уште стотина други.

Комплетната музичка програма на годинашниот „ЕГЗИТ“ фестивал е објавена и на официјалната интернет страница на Фестивалот.

Видеото кое е исто така објавено по овој повод покажува дека силата на новосадскиот фестивал лежи, како во водечките светски ѕвезди, така и во неговата музичка разновидност, за која важен придонес дава целата низа помали бини и зони. За разлика од повеќето други големи европски манифестации, Егзитовите бројни бини се еклектичен, мултижанровски спој, во кој се наоѓаат речиси сите современи музички правци, од најголемите глобални хитови до андерграунд електронската музика, од класичен рок звук до жестоки хеви-метал и панк рифови, од олдскул хип-хоп, па сѐ до трап, драмен’бејс, реге, латино и светска етно музика. (С.К.)