МВР во изминатиот период го реализираше првиот дел од проектот „Електронски записник од увид во сообраќајна незгода“, со кој се воспоставува централна, електронска евиденција на извршени увиди на сообраќајни незгоди, при што се обезбеди внесување, чување и обработка на податоците од Записникот за извршен увид на место на сообраќајната незгода, информираше на фејбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– При изготвување на софтверското решение на унифицираниот Образец на Записник за извршен увид на сообраќајна незгода се пристапи и кон имплементирање на CADAS протоколот, при што беа инкорпорирани Записникот за увид на сообраќајна незгода, Прашалникот СН1 и податоците за Важните варијабли од CADAS протоколот, а стручните тимови веќе работат на подготовка на втората фаза од проектот „Електронски записник за увид на сообраќајни несреќи, појасни Спасовски.

Во наредниот период МВР, објави министерот, планира да го надгради постоечкото софтверско решение за внесување на т.н. ГЕО – координати и можност за електронска размена на податоците со други институции.