Најмалку 45 лица загинаа во сообраќајна несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, кога се запалил автобус со македонски таблици што сообраќал на релација од Истанбул до Скопје. Според првичните информации, во несреќата има и преживеани.

Автобусот влегол во Бугарија од Турција преку граничниот премин „Капитан Андреево“ нешто по 21 часот, а несреќата се случила околу 2 часот по полноќ на автопатот „Струма“ на правецот Софија – Благоевград.

Како што изјави началникот на пожарникарската служба Николај Николов за бугарските медиуми, во автобусот патувале 53 лица. Загинале 45, а останатите се пренесени во болница. Автобусот е опожарен, а на местото на несреќата се уште се противпожарни екипи и медицински тимови. Сообраќајот во двата правци на автопатот е во прекин.

Сочувство за загинатите изрази премиерот Зоран Заев, кој бил информиран за несреќата од бугарскиот премиер Стефан Јанев.