Скопје во претстојниот викенд ќе живее во ритамот на третото издание на Скопскиот Градски Фестивал. Во петок и сабота (6 и 7 мај) публиката ќе има можност да проследи исклучително интересни настапи на врвни музичари од различни музички правци и жанрови. Во петок на 6 мај Фестивалот ќе се одржува во Македонскиот културен центар а во сабота, на 7 мај во Филхармонија.

Исто како и минатите две години, и ова трето издание на Скопски Градски Фестивал донесува возбудливо музичко искуство кое на публиката ќе и го овозможат најдобрите балкански и европски музичари.

На 6 мај, во МКЦ ќе настапат Мухамед Ибрахими – извонредниот македонски музичар, гитарист соуникатен на овие простори стил и израз. Неговата музика е фузија на рок, блуз и амбиент, со корени во балканскиот и ориенталниот фолклор.

Настап ќе има и Code 369 – во моментов најинтересниот македонски рок состав, составен од врвни музичари, со долгогодишно искуство. Тие ќе го промовираат материјалот од новиот албум „Стадиуми на љубовта“ (Stages of Love). Code 369 се одликуваат со енергични живи настапи, инвентивно музицирање и фантастичниот вокал на пеачката Ирена Димовска.

За фестивалот од Белград пристигнуваат и Texas Flood – најпознатиот и најдобар балкански и европски бенд предводен од Ненад Златановиќ, легенда на ритам и блуз сцената. Ненад има настапувано со некои од најпознатите светски музичари меѓу кои Lance Lopez, Lucky Peterson, Anа Popović, Enrico Crivellar, Ian Siegal, Matt Schofield, Alex Shultz, Big Daddy Wilson и Alto Reed.

Влезот за публиката во МКЦ ќе биде слободен.

На 7 мај, пак, во големата сала во Филхармонија ќе настапат Матија Дедиќ – познат хрватски и еден од водечките европски пиjанисти, композитор и син на Арсен Дедиќ и Габи Новак. Матија има настапувано со познати музички имиња меѓу кои Alvin Queen, Martin Drew, Ron Ringwood, BoškoPetrović, Marc Murphy Band, Patrizia Conte, и многу други славни имиња.  (Р.Н.)