Владата на денешната седница одлучи да ги укине сите останати ковид-мерки, со исклучок на задолжителното носење заштитни маски во здравствените домови, аптеките, јавниот превоз и центрите за нега на стари лица и лица со посебни потреби, објави на Фејсбук првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

Тој посочува дека одлуката на Владата следи по заклучокот на Комисијата за заразни болести за стабилната епидемиолошка состојба во земјава.

– Владата препорачува практикување на основните превентивни мерки за лична заштита од ковид-19, објави Груби.

Комисијата за заразни болести на последниот состанок во минатата недела  препорача да се укинат сите рестриктивни мерки за справување со ковид-19, а  задолжително остана само носењето маски во здравствени установи, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица. Воедно, од Комисијата апелираа до граѓаните да ги почитуваат препораките за лична заштита и  хигиена, често миење на рацете, дезинфекција и одржување дистанца, како и дека вакцинацијата е најдобра и најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението.