ВМРО ДПМНЕ го обвини Министерството за труд и социјална политика за неспособност во случајот со сексуално злоставуваното девојче, штитеник на домот „25 Мај“ и побара министерката Мила Царовска да понесе политичка и морална одговорност и да си поднесе оставка.
-Очигледно дека еден ваков скандал воопшто не може да и го расипе викендот на министерката која без око да и трепне најавува дека после викендот ќе се решавал случајот кој ја потресе јавноста во кој било силувано и забременило девојче, а потоа истото абортирало. Замислете девојче за кое државата презело одговорност да се грижи, поминува низ тешки моменти, а министерката дури утре комисиски ќе го разгледува, изјави Марија Андоновска на денешната прес конференција.
Вчера директорот на домот „25 Мај“, Стево Соколовски за ТВ 24 изјави дека чувствува морална одговорност за сексуалното злоставување на тринаесетгодишната малолетничка, и најави дека во понеделник заедно со министерката за труд Мила Царовска ќе излезат со повеќе детали за случајот кој ја вознемири Македонија.