Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од вечерашниот митинг пред Владата на Република Македонија побара предвремени парламентарни избори заедно со претседателските.
Тој побара еднаков терен за сите политички партии, претседател на ДИК на предлог на опозицијата, формирање техничка Влада на 100 дена пред предвремените парламентарни избори, исто како што беше во 2016-тата кога, како што кажа СДСМ и нејзиниот претседател Зоран Заев ги изгубија изборите.
– Да видиме дали народот се согласува со ова што го прави Зоран Заев и СДСМ, рече Мицкоски во обраќањето.
Побара промена на политичкото однесување кое, според него, е драстично опаднато и се наметнати лажни стандарди и вредности.
– НАТО и ЕУ се вечен стремеж на нас и нашата генерација, одлична можност за државата и граѓаните, но промените во државата мора да почнат од нас самите. Мора да веруваме во себе и да веруваме во сопствените квалитети, рече Мицкоски.
Лидерот на опозициската партија рече дека на Македонија и треба и реформиран, одговорен и квалитетен СДСМ каде, како што кажа, има многу луѓе кои не се согласуваат со ова што се случува, каде има квалитетни луѓе кои можат да придонесат за доброто на Македонија.
– Но за да дојде и тоа, прво мора да се порази Зоран Заев, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше работата на Владата предводена од премиерот Заев во изминатата година посочувајќи дека очекувањата на граѓаните биле изневерени и дека нивното достоинство било урнато.
– Година пропуштена во нашите животи, година на неработа, создавање на поделби и хаос. Година на политички терор, апсења, упади, тортура. Година на економски неуспеси, на создавање трулеж во општеството, рече Мицкоски.
На Македонија, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, и треба економија, а не двојазичност, напредок и просперитет, а не подигнување на вештачки ѕидови и поделби.
– На Албанците исто како и на Македонците, им треба нови работни места, а не противуставни закони за јазици, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека партијата работи на новата програма која ќе биде нивен патоказ и која наскоро ќе биде промовирана. Се предвидува намалување на данокот на добивка за фирмите на половина, за оние кои втората половина ќе ја искористат за инвестиција и нови работни места, укинување на зголемената акциза за дизел горивата, реконструкции, изградба на нови болници и масовно вложување во медицинскиот кадар, директна понуда за вработување на најдобрите 500 студенти секоја учебна година.
Орбан „се јави“ на митингот
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан преку видео обраќање даде поддршка на Христијан Мицкоски и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Лидерите на ВМРО имаа храброст, мудрост и сила да ги заштитат Македонците, Унгарците и, со тоа, и Европејците. Никогаш нема да го заборавиме тоа. Ние застануваме на ваша страна и го поддржуваме ВМРО. Лидерите кои ја сакаат својата земја, имаат искуство и не колабираат ни под притисок на надворешните сили. Убеден сум дека Мицкоски ќе ја врати Македонија на патот на развојот, вели Орбан.
Поддршка даде и Жозеф Дол, претседателот на Европската народна партија.
Груевски даде поддршка само на Фејсбук
На антивладиниот минтинг не се појави екс лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.
Тој протестот го поддржа само преку „Фејсбук“ каде порача дека вечерва е добра можност на СДСМ да му се испрати јасна порака дека се потребни промени.
„Помина една година, а веќе ретко кој сеуште не ја препозна големата лага на СДСМ. Време е да им се испрати јасна порака. Дека знаеме и гледаме што се случува. Дека не се согласуваме. И дека сакаме промени. Вечерва е добра можност. Поддршка за денешниот собир. Македонија ќе победи“, напиша Груевски кој е почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Не беа ниту некогаш најекспонираните министри во неговата влада, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски. Медиумите го забележаа екс директорот на УБК Сашо Мијалков на прозорците во една од соседните згради.
Во првите редови беа екс градоначалниот на Скопје Коце Трајановски и пратеничката Даниела Рангелова, додека меѓу присутните беа и поранешната министрка за култура Елизабета Канческа Милевска, ес премиерот Емил Димитриев, пратеникот Илија Димовски, поранешниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски.