ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува средбата меѓу премиерите на Република Македонија и Република Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас и смета дека директните контакти на двајцата премиери може да придонесат за продлабочување на односите и градење на позитивна клима меѓу двете земји.
Од партијата велат дека во овој момент немаат „никаква информација за процесот на преговорите“.
-Оттаму, не знаеме дали најавите на Зоран Заев за преименување на аеродромот и автопатот се дел од некоја поширока стратегија за која што јавноста не е информирана или пак станува збор за едностран чекор на актуелната Влада на Република Македонија. Доколку е во прашање некаква стратегија, граѓаните очекуваат да бидат информирани за придобивките, а доколку станува збор за второто легитимна е загриженоста дека земјава прави еднострани отстапки, а не добива ништо, се вели во соопштението.
Притоа се додава дека „ВМРО-ДПМНЕ не гледа иредентизам во имињата на аеродромот и автопатот кои премиерот Заев најави дека ќе ги менува“.
Од партијата забележуваат дека „македонските граѓани на вчерашната прес конференција слушнаа многу работи, но не слушнаа на која држава е премиер Зоран Заев, а не слушнаа ниту на кој јазик говори или на кој народ му припаѓа“, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.