ВМРО-ДПМНЕ поднело кривична пријава против Драги Рашковски, генерален секретар на Влада, информираа од партијата. Како што велат од таму, пријавата е за делото злоупотреба на службената положба и овластување.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Рашковски ја употребил својата положба и овозможил именување на директори од страна на владата без истите да ја имаат исполнето со закон потребната квалификација, единствена квалификација која тие ја имаат е тоа што се активисти на СДСМ.
„Рашковски од периодот на негово назначување за Генерален Секретар до датумот на распишување на изборите, во повеќе наврати организирал именување на повеќе ВД директори од страна на владата, на лица кои не ги исполнуваат законските основи за да бидат именувани, но и именувал луѓе кои не биле писмено предложени од надлежни органи, како на пример Управен Одбор, за позициите за кои тоа било потребно“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека со „незаконското поставување на директори, на лица кои не ги исполнуваат законските услови во опасност се става нормалното функционирање на институциите, загрозени се граѓаните и е ставен во опасност буџетот на државата“.