„Рудниците ќе  застанат, добро е да се подготви целиот менаџмент за рудниците да застанат затоа што носат слабо здравје и лоши перспективи на идните генерации“, ова беше ветувањето на премиерот Зоран Заев при неговата средба со жителите на Валандово пред месец и половина.

https://www.facebook.com/SOSValandovo/videos/1267025403443602/

Производителите на органска храна, земјоделците, еколошките активисти и севкупно жителите на Валандово и околината долго време чекаа некој што има моќ да одлучува да пресече и да каже „не“ пред она што тие го антиципираат како еколошка катастрофа која ќе ја засегне не само нивната околина, туку и соседите од струмичко и гевгелиско, како и целата Македонија која најголемиот дел од својата храна го обезбедува оттука.

Ова беше ветено во првиот круг од локалните избори на кои што владејачката СДСМ му нанесе длабок пораз  на ВМРО-ДПМНЕ. Во тој говор премиерот Заев дури и посочи дека тој ќе ги исправи грешките кои што ги направила претходната власт, која тогаш се уште е власт во општините каде што треба да се градат рудниците.

Валандово ја промени власта, но планот за рудници на претходниците продолжува 

Олеснувањето дека ветувањето на премиерот во комбинација со промена на локалната власт во Валандово и другите општини ќе донесе победа врз рудниците се покажа преурането. И покрај ветувањата, жителите почнуваат да ја губат вербата дека “пеколниот план на ВМРО-продолжува и по ВМРО“, вака во една прилика во еден неформален разговор со група млади од Валандово се изрази еден од нашите соговорници.

Нивните стравови дека тој план ќе се оствари ги подгреа и денешната изјава на премиерот Зоран Заев кој што одговарајќи на новинарско прашање  на Менче Атанасова Точи, рече дека Македонија не сака да биде земја без рудници, но дека здравјето на граѓаните е на прво место. Активистите, но и новинарите имаат проблем да ја толкуваат оваа изјава. Од една страна, Заев отсечно посочува дека цврсто ќе стои зад здравјето на луѓето, но споменувањето на правни процедури и неодлучниот тон дали ќе има или не рудници, за разлика од оној отсечниот даден во кампањата, остава простор за сомнежи, тврдат активистите.

„Владата е апсолутно против изградба на рудниците кои користат цијанид и сулфурна киселина, како и рудници кои немаат еколошки заокружен проект. Македонија не сака да биде земја без рудници, но пред се и над се е здравјето на граѓаните. Овие рудници во своите студии на лачење на рудата го имаат и тоа. Во правна процедура ние ќе постапиме согласно нашите ставови за кои што транспарентно зборуваме. Правниците започнаа некои постапки, не нам не ни треба некаков посебен елаборат. Ние сме должни тоа што е незаконски, нечесно и нездраво за Македонија да го спречиме. Се надевам дека во иднина сите детали кои ќе и имаме на располагање ќе бидат споделени со јавноста“, одговори Заев.

Роберт Марков од иницијативата „Спас за Валандово“ која што сега се здружи во „Сојуз за спас на Југоистокот“ со другите иницијативи од градовите засегнати од рудниците Казандол и Иловица, вели дека тие ќе побараат средба со премиерот Заев и негова поддршка во борбата против рудниците.

Пораката од премиерот во предизборието беше менаџментот да се подготвува за стопирање на изградбата и затворање.  Тие не само што за ништо не се спремаат туку и уште позабрзано се гради, а целата работа тече нормално. Токму затоа бараме средба, сакаме информации за начинот и стратегијата на владата за тоа како се планира тоа стопирање, вели Марков.

Теренските обиколки на активистите и новинарите потврдуваат дека рудникот „Казандол“ навистина забрзано се гради. Граѓаните пријавуваат дека почвата и водата не се безбедни, а  жителите од околните струмички села раскажуваат дека веќе се подготвува и теренот за изградба на рудникот „Иловица“.

 

Ова се фотографии направени од еко-иницијативата „Спас за Валандово“ минатата недела. Тие ја покажуваат фолијата којашто наводно треба да спречи продор на отровите и тешките метали во почвата и водата. Раководоството на рудникот „Казандол“ ова го најавуваше помпезно и како голема гаранција дека жителите нема потреба да стравуваат дека нивното здравје и природата ќе бидат засегнати. На фотографиите се гледа дека фолијата има големи дупки и засекотини и не оддава впечаток на безбеден метод за заштита од продорот на отровите во почвата и водата.

Чиј е Казандол

Концесионер на рудникот за бакар и бакарни производи во Казандол е компанијата Сардич МЦ. Основач на „Сардич МЦ“ е акционерското друштво „Коппер Инвестмент“. За оваа инвестиција Груевски зборува уште на почетокот на 2013 година. Инвестицијата прво ја нарекуваше „англиска“, продолжи со „англиско-украинска“ за конечно да стаса до само „украинска“. Во реалноста – со удели на македонските големостопанственици и политичари од двете држави. Повеќе за оваа страна на приказната во текст на Сашка Цветковска на линкот подолу.

Шест нешта за рудникот во Казандол за кои сите мора да знаеме

Еуромакс веќе сече шума на Иловица за надомест на државата од педестина илјади евра

Но не е само Валандово во агонија дека нив ги чека судбината на велешани кои до денешен ден не можат да ги излечат последиците од смртоносната топилница. Од Казандол, валандовско, до Иловица, струмичко, има 39 километри или помалку од 40 минути со автомобил. Од Иловица до Струмица е уште поблиску, дотаму ќе стасате за десетина минути бидејќи локацијата на рудникот е на само 16 километри од центарот на градот.

Целата престолнина на земјоделието во Македонија е под голема закана од отровните рудници, а за жителите се неприфатливи гаранциите од сопствениците и институциите дека тие имале план за да спречат загадување. Ова се должи на нетранспарентните постапки и процедури во кои се носеа овие договори. Дотолку што оној за Иловица на канадската компанија „Еуромакс“ остана да биде државна тајна и со новата администрација на СДСМ.

Жителите од околните села велат дека се буквално преплашени од изградбата на рудникот за ископ на злато и бакар „Иловица“ на „Еуромакс рисорсес“. Тие деновиве формираа ново еколошко здружение „Еко долина“ на кое приоритетна цел ќе му биде да се спречи изградбата на рудникот. Претседателот на здружението Костадин Ристоманов, во разговор за НОВА ТВ рече дека на локацијата каде што треба да се гради рудникот се сечат дрва.

„Во моментов се соочуваме со предатори кои сакаат да направат геноцид во нашата котлина. Ние планираме да живееме тука и не сакаме да дозволиме да се изгради рудникот. Слободно можам да кажам дека и новата власт не искористи како малолетници, со наша помош успеаја да добијат неколку градоначалнички места, но мислиме дека поддршката од нивна страна за да не се градат рудниците не беше баш искрена. Ние побаравме средба со премиерот Зоран Заев и моментално чекаме да видиме кога ќе ни закажат средба. Моментално нема активности за изградба на Иловица, но кај нас се сече шумата“, вели Ристоманов.

Тој вели дека последните најави кои дошле до нив се дека наместо со цијанид, рудникот ќе работи со сулфурна киселина.

„Како што знаеме ние сега, концесиите за двата рудника се во мирување и се прави ревизија на концесиите. Мислам дека овој период ќе биде до декември. Можеби се прават некои ситни работи, а големите и поважните активности се во мирување. 11 контејнери со опрема кои требаше да пристигнат во Македонија, но моментално се на пристаништето во Солун“, вели претседателот на „Еко долина“.

Од „Македонски Шуми“ велат дека на барање на „Еуромакс ресоурцис“, а врз  основа на договорот кој оваа фирма го има склучено со Владата и позитивното мислење добиено од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во 2013  и 2015 година склучени се два договора со оваа фирма.

„Едниот е за надомест за изгубена дрвна маса во количина од 228,26м3 што ќе се посече  при  изградба на пристапни патишта за вршење на детални геолошки истражувања. Надомест за пошумување на 6,30хектари , изгубен прираст и општокорисни функции на шумата  во висина од 1.726,31 денар.  Во 2015 година ЈП „Македонски шуми“ има склучено нов  договор за детални геолошки истражувања и градба на пристапни патишта за проширување на геолошките истражувања за кое фирмата Еуромакс ресоурцис има платено надомест за изгубена дрвна маса во количина од 605,00м3 во висина од 3.143.809,00 денари“, велат од „Македонски шуми“.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пак, велат дека досега не издале позитивно мислење за сеча на дрвја.

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство до денешен ден, нема издадено позитивно мислење за сеча на шуми за потребите на рудникот за злато и бакар ’Иловца’“, ни одговорија од министерството.

Министерството за економија го крие договорот

Граѓаните со кои разговаравме велат дека од Владата им кажале дека моментално се прави ревизија на сите договори за концесија за рудниците и таа треба да трае до почетокот на идниот месец до кога и треба градежните работи на рудниците да бидат во мирување.

НОВА ТВ во вторникот, на 14 ноември испрати прашања до Министерството за економија, кое е надлежно за ревизијата на концесиите, но до објавувањето на овој текст одговор не добивме.

Во периодот додека се прави ревизија за концесиите, промени одлучи да направи и компанијата „Еуромакс рисорсес“. Компанијата направи смена на двајца директори . Варашн Гокул е именуван за претседател и главен извршен директор и Никола Гулев за главен финансиски директор на компанијата.

Од здружението „Еко долина“ велат дека од компанијата ставиле посилни кадри што ќе ја бијат новата битка со институциите.

На почетокот на ноември годинава претседателот на Управниот одбор на Еуромакс Ресоурсес Стивен Шарп дојде во Македонија како говорник на панел на  бизнис самитот Македонија 2025, а на истиот самит говорници беа и заменик – претседателот на владата Кочо Анѓушев како и премиерот Зоран Заев.

НОВА ТВ уште пред неколку месеци преку слободен пристап до информации го побара од Министерството за економија увид во договорот со „Еуромакс“, но од министерството ни го одбија барањето со образложение дека нема да го протолкуваме договорот како што треба.

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања поврзани со рудниците на прес-конференцијата по повод 100 дена Влада, рече дека ќе бидат транспарентни, само треба да им се остави малку време на новите функционери да можат да ги проучат договорите  и работите со кои се соочуваат.


Поврзана сторија од дневните вести

Костадинов: треба да се преиспита целата постапка за концесијата за Казандол

Денеска на прес-конференција, градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов рече дека се сомнева дека е прекршена целата постапка околу добивањето на позитивните мислења од општината, но и постапката за доделување на концесија за овој комплекс.

Костадинов рече дека поранешниот градоначалник Николче Чурлиновски дал дозвола за да се подигне комплексот Казандол, а потоа организирал јавна расправа за да го слушне мислењето на граѓаните.

Според новиот градоначалник на Валандово, позитивното мислење од градоначалникот е дадено на 22 декември 2014 година, додека на 27 јануари 2015 година е потпишан договорот за концесија за Казандол меѓу Владата и инвеститорот, додека јавната расправа за граѓаните била организирана на 31 март 2015 година, односно цели два месеца по потпишувањето на договорот.

Тој ги повика граѓаните да ја преиспитаат целата постапка.

Костадинов вели дека во архивата на општината имало две мислења, едното позитивно за надлежните министерства и едното неутрално за пред граѓаните, што целата постапка ја прави нетранспаретна.

НОВАТВ го побара поранешниот градоначалник Чурлиновски да одговори на овие обвинувања, но тој не одговори на нашите повици и пораки.