„Фиат“ ќе произведува електричен автомобил во Крагуевац, а производството се очекува да започне во 2024 година. Договорот со корпорацијата „Стелантис“ предвидува инвестиција вредна 190 милиони евра, а Србија ќе инвестира свои 48 милиони, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ по средбата со претставниците на „Стелантис“.

„Денес започнуваме нова ера во инвестирањето во нашата земја, потпишавме договор за финансирање на електричниот автомобил што ќе се произведува во Крагуевац“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека Србија мора да почне да се подготвува за електрични и хибридни автомобили, пренесува нова.рс.

„Ќе треба да размислуваме за цената на енергичната енергија. Треба да имаме евтина струја, а за да го постигнеме тоа треба да имаме обновлива енергија. А за да го направиме тоа, ни требаат реверзибилни електрани. Мораме да работиме што е можно повеќе, бидејќи од 2035 година нема да има повеќе класични возила“, изјави Вучиќ.

„Стелантис“ е мултинационална корпорација за производство на автомобили, една од четирите најголеми во светот и е формирана во 2021 година со спојување на италијанско-американскиот конгломерат Fiat Chrisler Automobiles и француската групација ПСА