Управниот суд одлучи да се поништи гласањето во избирачкото место 2011 во општина Теарце. Повторното гласање ќе се одржи во недела, а на 11 декември ВМРО-ДПМНЕ таму извојувало тесна победа со само 4 гласа повеќе од СДСМ. На денот на изборите, во избирачкото место 2011, за ВМРО-ДПМНЕ гласале 91 гласач, а за СДСМ 87.
На спорното избирачко место се запишани вкупно 714 гласачи, а гласале 404 гласачи, односно имало излезност од 56,58 проценти. 65 гласа добила БЕСА, ДПА 64, ДУИ 53, Алијанса за Албанците 25 и по еден глас Третиот блок и ВМРО за Македонија.
Во целата Изборна единица 6 за ВМРО-ДПМНЕ гласале 26.135 гласачи, а за СДСМ 25.828. Разликата е 307. Прегласувањето би можело да го смени целокупниот изборен резултат, кој сега е 51 мандат за ВМРО-ДПМНЕ и 49 за СДСМ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на протестите пред ДИК рече дека партијата нема да учествува на евентуално прегласување и дека нема да ги признае резултатите од прегласувањето.