Врховниот суд на САД и одобри на Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп целосно да ја спроведе забраната за влез во земјата на државјани на Чад, Иран, Либиија, Сомалија, Сирија и Јемен.

Забраната за влез на лицата од шесте претежно муслимански земји, ќе стапи на сила и покрај тоа што против неа се поднесени тужби во многу судови во САД.

Мерката исто така, се однесува и на граѓаните на Северна Кореја, како и на некои претставници на венецуелските власти.

На овој список беа ставени и државјаните на Ирак, но бидејќи таа земја е клучен сојузник на САД на Блискиот Исток, забраната беше укината.

Покрај Ирак, од списокот е остранет и Судан, откако американскиот претседател ги укина санкциите за земјата, по „забележителниот напредок“ во борбата против тероризмот и во областа на човековите права.

Забраната е оспорена во апелациски суд во Хаваи и од страна на Американскиот сојуз за граѓански слободи.

Трамп прв пат забраната за влез на лица од шест претежно муслимански земји ја воведе во јануари. Таа беше блокирана од федералните судови и во март тој издаде втора, делумна забрана, чија важност заврши во септември по долги судски борби. Американскиот претседател истиот месец издаде и трета забрана.