Аргентинскиот боксер Уго Сантилјан (23) е втора жртва во светот на боксот во последните два дена. Борбата со Уругваецот Едуардо Абреу во Сан Николас, град на 240 километри од Буенос Аирес, беше фатална по него и покрај медицинските напори да го одржат во живот.

Смртта кај Сантилјан, кој се натпреваруваше во супер лесна категорија, настапи како последица на тешките повреди на главата. Веднаш по прогласувањето се онесвести во рингот, веднаш беше хоспитализиран и положен на операција, но не успеа да се опорави.

Сантилјан почна да се занимава со бокс во 2015 година. Од тогаш настапи во 27 борби од кои победи во 19, двапати ремизира и претрпе шест порази. Ова е втор смртен случај во боксот во оваа недела по Русинот Максим Дадашев кој почина во вторникот од тешки повреди на мозокот по мечот со Порториканецот Матијас Субриел.