По првата заедничка седница меѓу Владите на Македонија и Бугарија, во Струмица се потпишани договори за економска и трговска соработка. Потпишани се договори во областите на одбраната, надворешната политика, енергетиката, туризмот, телекомуникациите, инфраструктура и за реакции при природни катастрофи.

Во Домот на армијата во Струмица, се одржа прес-конференцијата на премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев.

-Застанавме едни до други со потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка, а со денешната владина седница, активиравме уште еден од моторите кој треба да го повлечат целиот регион напред. Оваа свест што ја имаме како Влади, за нашата историска одговорност, да одговориме на моментот што отвара перспективи, е значајна за нашите билатерални односи, е значајна за евроинтеграциите на Македонија, е значајна за евроинтеграциите на регионот, нагласи премиерот Заев.

-Сега е моментот да се искористи бугарското претседателство, потоа и австриското, и романското и хрватското, за две години темата Западен Балкан не само да добие внимание од сите наши колеги во Европа, но и реално да се придвижи нанапред. Убеден сум дека за не повеќе од два три месеца, ќе успееме да го намалиме роамингот, и луѓето на двете страни да можат мирно да зборуваат, изјави бугарскиот премиер, Бојко Борисов.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов вели дека луѓето од Македонија и Бугарија не треба да се оптоваруваат со историја, туку да му се радуваат на животот, бидејќи, како што кажа, ниту Бугарите ќе дојдат во Македонија, ниту Македонците во Бугарија. Борисов упати ваква порака на заедничката прес-конференција со македонскиот колега Зоран Заев по заедничката владина седница на двете влади во Струмица.

-Историјата ни е илјадагодишна, може секој да спори и да тврди кој е постар. Историчарите треба да се занимаваат со тоа. Ние со колегата Заев сакаме да решаваме практични прашања. Вие сте млади луѓе, не се замарајте , радувајте се на животот. Ниту ние ќе дојдеме да живееме тука, ниту вие кај нас. Можеме само да си го направиме животот поубав, кажа Борисов.

Како влади и како политичари го почитуваме секуларниот карактер и не сакаме воопшто да се мешаме во работата и соработката на двете цркви, но ги охрабруваме да се изнајде решение во духот на добрососедството и пријателството, порачаа Заев и Борисов.

Во врска со писмото што Македонската православна црква – Охридска архиепископија го упати до Бугарската православна црква, премиерот Заев рече дека се работи за прашање меѓу двете цркви, но оти може да ги охрабрат да изнајдат решение.

– Јас се надевам дека ќе дојде до меѓусебно признавање, бидејќи за нас како Македонска православна црква – Охридска архиепископија автокефалноста е многу важна. Прашањето е меѓу двете цркви. Наше е да охрабриме да се изнајде решение во духот на Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји, истакна Заев, одговарајќи на новинарско прашање.

И бугарскиот премиер Борисов нагласи дека не сакаат да се мешаат во работата на црквите, но оти ќе бидат среќни двете цркви да соработуваат, како што двете држави соработуваат на политички план.

–  Не се мешаме во работиме на црквата. Навистина ќе бидеме среќни доколку нашите цркви работат и меѓусебно си помагаат ин заеднички проповедаат, како што тоа ние го правиме на политички план, рече Борисов.

Тој упати и благодарност до владиката Наум и другите владици од кои денеска двете делегации беа пречекани во манастирот Водоча во Струмица.

Договорот за добрососедство ќе стапи на сила до крајот на годината

Договорот за пријателство со Република Македонија може да стапи на сила до крајот на годината, најавија министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Никола Димитров и Екатерина Захариева во рамки на првата заедничка седница на владите на двете земји. Двајцата први дипломати изјавија дека ќе вложат напори парламентите на двете земји, што е можно поскоро да го ратификуваат договорот.

– Ја поздравуваме бугарската Влада што ја внесе ратификацијата на договорот во Народното собрание. Се надевам дека до крајот на годината или на почетокот од следната и ние ќе го ратификуваме, изјави Димитров.

Бугарската министерка Захариева изјави дека се радува на заедничката седница на двете влади во Струмица.

-Многу се радувам што нашите влади се сретнаа денеска во Струмица зашто 18 години не сме имале меѓувладина седница, изјави Захариева.

Таа изрази оптимизам за европската интеграција на Балканот по поддршката од страна на Фредерика Могерини и Жан Клод Јункер кои, рече, го посочија регионот како еден од најважните приоритети на ЕК.

Димитров и Захариева денеска потпишаа и Платформа за активирање на соработката меѓу двете министерства.

Со документот се предвидуваат редовни консултации на ниво на министерствата за надворешни работи и дипломатските претставништва. Една од целите на документот е да се создадат работни тела за следење на исполнувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Двете министерства за надворешни работи ќе работат и на синхронизирање на позитивните пораки и надминување на негативните одгласи/ставови во јавноста.

Неопходно е отворање нови гранични премини

Соработката во рамки на меѓународните организации и во борбата против сериозниот и организиран криминал, особено кога таквиот криминал поседува елементи на прекугранични активности беа тема на разговор на денешната работна средба во Струмица меѓу министрите за внатрешни работи на Македонија и на Бугарија, Оливер Спасовски и Валентин Радев, пред започнувањето на заедничката седница на владите на двете земји.

На средбата, информираат од МВР, беше потенцирана одличната соработка меѓу двете министерства, а беа разгледани и можностите за дополнително интензивирање на соработката.

Министрите Спасовски и Радев ја потенцираа важноста од интензивирање на активностите околу отворањето на планираните нови гранични премини, особено граничниот премин Клепало-Сандански, со што ќе се овозможи полесна комуникација и движење на граѓаните.

За 9 месеци, зголемен бројот на туристи

Претставници на владите на Македонија и на Бугарија во рамки на денешната заедничка седница во Струмица потпишаа спогодби за соработка во повеќе области.

Министрите за одбрана Радмила Шекеринска и Красимир Каракачанов потпишаа Протокол за соработка во спроведувањето обуки за припадници на АРМ во воентите школи во Бугарија, што предвидува практична обука на тенковски екипажи во Бугарија, како и други конкретни мерки за интензивирање на соработката во одбраната.

Бугарскиот министер за туризам Николина Ангелкова и македонскиот заменик-министер за економија Кире Наумов, потпишаа Договор за соработка во туризмот. Договорот, меѓу другото, предвидува интензивна соработка во туризмот, зголемување на меѓусебните туристички посети и заедничко учество на туристички саеми. Скопје и Софија ќе соработуваат и во заедничко објавување туристички промотивни материјали, во организација и учество на конференции, семинари и други туристички настани, како и во заеднички настап на трети пазари.

Според статистичките податоци, во периодот јануари-септември годинава Бугарија ја посетиле повеќе од 413.000 македонски граѓани што е за 5,8 отсто повеќе од тој период лани. Во првите девет месеци од годинава над 319.000 Бугарија ја посетиле Македонија што е зголемување за 10,7 проценти во однос на лани.

Соработка во енергетскиот сектор

Во Струмица беа потпишани и два договора за соработка во енергетскиот сектор.

Со нив се предвидува од почетокот на 2018 година воспоставување заеднички пазар за распределба на преносни капацитети меѓу електроенергетските оператори на двете земји. Тоа е регулирано во Договорот што го потпишаа бугарскиот Електроенергетски системски оператор ЕАД и македонскиот МЕПСО.

Користењето на заедничка платформа ќе им олесни на сите учесници кои тргуваат со струја. Со новите пазарни процедури трговците од македонска страна ќе учествуваат заеднички со своите бугарски партнери на дневниот пазари што бугарскиот електродистрибутер ќе ги реализира од името на двата оператора. Спроведувањето на заедничките пазари на бугарско-македонската граница ќе доведе до пораст на тргувањето со електрична енергија во регионот и ќе ја зголеми ликвидноста на националните енергетските берзи.

Заедничките пазарни процедури се задолжителна мерка за обединување на енергетските берзи на Западен Балкан и ЈИЕ.

Бугарскиот оператор за гас „Булгартрансгаз“ ЕАД и АД Македонски енергетски ресурси – МЕР денеска го потпишаа Договорот за спроведување на физибилити студија за изградба на нова гасна меѓусистемска врска.

Со документот се извршува потпишаниот Меморандум меѓу министерствата за енергетика на Бугарија и за економија на Македонија од 1 август 2017 година за сорабокта во областа на прииродниот гас. При проучување маршрути за изградба на новата гасна врска Бугарија-Македонија ќе биде земен предвид развојот на гасоводите Грција-Бугарија и Турција-Бугарија, како реализацијата за центарот за дистрибуција на гас „Балкан“.

Агенциите за катастар на двете земји, пак, потпишаа договор за размена на картографски и геодетски материјали и информации.

Размената на катастарски информации, особено за пограничните области, ќе помогне во реализацијата на повеќе економски проекти за подобрување на локалните самоуправи во двете земји.

Во документот се предвидува реализирање заеднички регионални проекти од заеднички интерес, финансирани од фондовите на ЕУ.

Со размената на информации се создаваат и услови за поврзување на геодетските мрежи, што ќе даде позитивен ефект врз дејностите во геодетската област, картографијата, катастарот во рамки на европската заедница.

Меморандумот е со рок од десет години.

Македонија и Бугарија денеска со меморандум ја официјализираа и најавата за намалување на меѓународните тарифи за роаминг во телекомуникациските услуги.

Меморандумот го потпишаа македонскиот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и бугарскиот министер за транспорт и информатички технологии, Ивајло Московски, во тек на денешната заедничка седница на владите на двете држави што се одржа во Струмица, во присуство на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.

Документот овозможува регулаторните тела на двете држави да почнат процедура со која ќе ги поттикнат операторите да склучат договори за пониски цени при разговор, пораки и интернет во роаминг.

Цените на мобилните разговори меѓу  Македонија и Бугарија, како што потенцираа во неколку наврати од ресорните министерства, се едни од највисоките во Европа. Сега за минута разговор во роаминг од Бугарија во Македонија се плаќа меѓу 90 и 210 денари и 750 денари за мегабајт интернет.

Пречек во Водоча

Под силно полициско обезбедување премиерот на Бугарија  Бојко Борисов  пристигна во Струмица на заедничката седница на македонската и на бугарската влада.

Делегација на бугарската влада стигна со два хеликоптери, а премиерот Зоран Заев го пречека бугарскиот колега пред водочкиот манастир „Свети Леонтиј“ во Струмица.

Во моментов зад затворени врати  во Домот на АРМ во Струмица трае владината седница,  а се очекува потпишување на десетина билатерални договори  од областа на надворешната политика, инвестициите, енергетиката, одбраната и туризмот. Ова доаѓа по Договорот за пријателство и добросоедство меѓу двете држави потпишан на 1 август годинава, како и по писмото од МЦП-ОА да со кое бара да обезбеди автокефалност преку Бугарската православна црква.

Борисов на социјалните мрежи објави видео од посетата на Водочкиот манастир, каде освен од македонскиот премиер, беше пречекан и од митрополитот на струмичкaта епархија Наум, како и други црковни великодостојници.

Митрополитот Струмички Наум денеска во манастирот Водоча им врачи ордени на македонскиот и на бугарскиот премиер Зоран Заев и Борко Борисов.

Орденот, Столен медал од прв ред, од редот на Светиот Македонски Крст, им се доделува за особен придонес и залагање во севкупниот напредок и афирмација на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Заев и Борисов одржаа средба во четири очи во манастирот во Водоча каде беа пречекани од владиката Наум и од други владици на МПЦ- Охридска Архиепископија.

Премиерите Заев и Борисов положија цвеќе пред споменикот на трагично загинатиот македонски претседател Борис Трајковски, а на чинот присуствуваа и владините делегации на двете држави.

Во официјалната делегација на Владата на РМ покрај премиерот Заев, се и вицепремиерите Бујар Османи, Кочо Анѓушев, министрите за одбрана Радмила Шекеринска, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за надворешни работи Никола Димитров, за траспорт и врски Горан Сугарески, за земјоделство Љупчо Николовски, за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, за локална самоуправа Сухелј Фазлиу, за животна срединаСадула Дураку, заменик-министерот Кире Наумов и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.

Од бугарска страна на заедничката седницата учествуваат вицепремиерите Томислав Дончев, Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева, министрите Валентин Радев, Николај Нанков, Нено Димов, Румен Порожанов, Ивајло Московски, Емил Караниколов, Теменужка Петкова и Николна Ангелкова.