Во раните утрински часови во четвртокот, во Прилеп е запалено возилото на новинарот Зоран Милошески, марка „Сузуки Свифт“. За сега сторителите се непознати за полицијата, а истрагата е во тек.

Милошески го поврзува настанот како продолжение на инцидентот од јануари минатата година кога му беше запалена вратата од неговата гаража.

„Колата ми беше во гаража а гаражата ми е зад зграда. Пред легнување а слушнав пожарната кола и видов ротациони светла. Се симнав доле и гледам се гаси пожарот на мојата гаража. Видов дека пожарот не е настанат од бензин, бидејќи не мирисаше. Но колата беше потурена и од напред и од назад“, раскажува Милошески за НОВА.

Пожарната и полицијата ги повикал негов комшија кој откако слушнал експлозија, го забележал пожарот, но се плашел да се приближи поради страв дека возилото работи на гас.

„Имаше опасност да изгорат сите гаражи бидејќи се припоени. Колата е секако неупотреблива, ќе ја фрлам во отпад само да направи полицијата вештачење. Полицијата најде и трага, тоа знам за сега. Службите се заангажирани“, вели новинарот кој пишуваше за потребите на редакцијата на НОВА во периодот од 2014 до 2015 година.

Тој се сомнева во неколку можни сторители, за што ја информирал и полицијата.

„Мислам дека ова е продолжение на тоа што ми се случи пред една година. Во јануари минатата година ми ја потурија вратата со бензин и ја запалија. Не знам ни дали водеа тогаш случај и не знам ништо за тоа дали е спроведена истрага. Ова е втор пат сега. Има луѓе во кои се сомневам поради природата на мојата работа. Ова не е од лична природа туку и заканите кои ги имав и претходниот инцидент сигурно се поради новинарството. Редовно пишував за претходната власт, за локалниот криминал и секако претпоставувам дека ова има врска со работата“, дополнува новинарот.

Овој инцидент го вознемирил неговото семејство, но се надева дека сторителите брзо ќе бидат пронајдени и казнети.

Новинарот Зоран Милошески е сопственик на интернет порталот „Публикум“.