Министерот за економија, Крешник Бекташи денеска на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање рече дека ревизијата во ова министерство за концесијата е завршена и дека што се однесува до законските надлежности кои ова министерство ги има во потпишувањето на концесијата, се било според закон.

Жителите на општина Богданци денеска уште еднаш испратија апел до Владата да не дозволи рудникот Казандол да почне со работа. Граѓаните собрале1300 потписи од жителите на оваа општина со кои сакаат да му порачаат на премиерот Зоран Заев дека се против изградба на рудници во оваа околина.

Активистот Илија Тумбов му испратил и писмо на Заев. Во писмото се вели дека премиерот пред жителите на овие општини дал ветување кое треба да си го исполни.

„Вие, господине Заев, во својството лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, истовремено и премиер на Владата на Република Македонија во кампањата за последниве локални избори на митингот во Богданци изјавивте дека Вашата партија, заедно со коалицијата, е ориентирана кон создавање услови за здрава животна средина за граѓаните наспроти загадувањето што на животната средина ѝ го нанесуваат рудниците и уште додадовте дека ако треба да бирате меѓу здравјето на луѓето и добивката од рудниците Вие ќе се одлучите за здравјето на луѓето. На предизборните митинзи во Пирава и Јосифово, општина Валандово, бевте уште поконкретен во изјавата и рековте дека рудник во Казандол нема да има“ – пишува во писмото упатено до премиерот Заев.

Новиот градоначалник на Валандово, Перо Костадинов по неколку дена на функција во општината рече дека постојат сериозни индиции дека концесијата за Казандол е незаконски доделена и дека не е испочитувана процедурата. Тој апелираше до Владата да ја истражи и реши оваа ситуација.

Тој вечерва во емисија Топ тема на „Телма“ рече „ако централната власт ги дозволи рудниците сите опции ќе бидат отворени – и мојата оставка и граѓанската непослушност“, изјави Костадинов.

Активистите од Валандово пред еден месец објавија фотографии. На нив може да се види фолијата којашто наводно треба да спречи продор на отровите и тешките метали во почвата и водата. Раководоството на рудникот „Казандол“ ова го најавуваше помпезно и како голема гаранција дека жителите нема потреба да стравуваат дека нивното здравје и природата ќе бидат засегнати. На фотографиите се гледа дека фолијата има големи дупки и засекотини и не оддава впечаток на безбеден метод за заштита од продорот на отровите во почвата и водата.

Концесионер на рудникот за бакар и бакарни производи во Казандол е компанијата Сардич МЦ. Основач на „Сардич МЦ“ е акционерското друштво „Коппер Инвестмент“. За оваа инвестиција Груевски зборува уште на почетокот на 2013 година. Инвестицијата прво ја нарекуваше „англиска“, продолжи со „англиско-украинска“ за конечно да стаса до само „украинска“. Во реалноста – со удели на македонските големостопанственици и политичари од двете држави. Повеќе за оваа страна на приказната во текст на Сашка Цветковска на линкот подолу.

Шест нешта за рудникот во Казандол за кои сите мора да знаеме

Роберт Марков од иницијативата „Спас за Валандово“ која што сега се здружи во „Сојуз за спас на Југоистокот“ со другите иницијативи од градовите засегнати од рудниците Казандол и Иловица, вели дека тие ќе побараат средба со премиерот Заев и негова поддршка во борбата против рудниците.

Пораката од премиерот во предизборието беше менаџментот да се подготвува за стопирање на изградбата и затворање.  Тие не само што за ништо не се спремаат туку и уште позабрзано се гради, а целата работа тече нормално. Токму затоа бараме средба, сакаме информации за начинот и стратегијата на владата за тоа како се планира тоа стопирање, вели Марков.

Пред еден месец одговарајќи на новинарско прашање, Заев рече „Македонија не сака да биде земја без рудници, но дека здравјето на граѓаните е на прво место.