Линч

Тоа што се случи во Собрание во црниот четврток, на 27 април 2017 година, не беше обичен протест на граѓани кој наеднаш станал насилен. Тоа што се претставува како дело на толпа, не е само тоа, туку добро организиран, планиран и спроведен злостор кој во себе ги содржи сите елементи кои се учат по предметот Кривично право во секој правен факултет. Долго време случувањата во Собранието ќе се анализираат како случај за проучување на поимите: учество на повеќе лица во извршувањето на кривични дела (соизвршителство, соучесништво, поттикнување и помагање), организирано извршување на кривични дела, стек на кривични дела (посебно делот за реален хетероген стек), кој освен учеството во толпа која ќе изврши кривично дело и насилство ги опфаќа и делата тероризам, велепредавство, обид за убиство и многу други.

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа

Тие случувања покажуваат зошто говорот на омраза и злосторствата од омраза се кривични дела, како и зошто хушкањето на народот преку поттикнување и повикување да врши кривични дела често завршува и со одговорност за меѓународни злосторства. Исто така, тие случувања ќе се земаат за школски пример како делото се извршува со сторување а како со несторување, односно со свесно пропуштање на должното дејствување. Тука особено спаѓа свесното неизвршување на службената должност на полицијата и потоа и на другите органи на прогонот, бидејќи тоа пропуштање всушност го има истото значење и придонес како и директното извршување на тие дела. Практично, цел учебник по кривично право со се практикум на случаи може да се напише токму од тие случувања, кои МВР и Јавното обвинителство, фрлајќи ни пепел во очите, засега се трудат да ни ги претстават само како обично учество во толпа.

Учеството во толпа кое ќе изврши кривично дело или кое ќе го спречи службеното лице да ја врши својата должност е спонтано дело кое не е однапред организирано туку масата на луѓето спонтано станува насилна и извршува кривични дела. Да беше тоа обично дело на толпата, насилниците со часови ќе ја бараа салата за прес конференции во лавиринтот на Собранието на РМ. Во директниот линк од случувањата тој ден јасно се виде за колку кратко време насилниците стигнаа до таа сала. Како што беше објавено подоцна, некој ги упатил кон точното место за да не губат време, наводно некој кој има искуство во извршување на тешки злосторства за кои бил казнет дури од меѓународен суд. Изгледа ресоцијализацијата не му била баш најуспешна.

Освен што стигнаа бргу до салата на пресот, насилниците знаеја точно кого треба да нападнат. Толпата вообичаено не е толку прецизна кога е спонтана. Тоа покажува дека не зборуваме за толпа туку за добро упатени лица кои знаеле точно кому што треба да му направат. Тоа што му се случи на Зијадин Села има име и се вика линч. Јасно е дека се целеше кон убиство на подмолен и свиреп начин. Начинот на кој беа нападнати Заев и другите пратеници е директен обид за убиство.

Фрлањето со стативи, триподи, шипки и други тешки предмети директно кон некое лице јасно ја покажува намерата тоа лице да се усмрти. Начинот на кој беше нападната и повредена Шеќеринска не е само обичен обид за убиство туку е и квалификуван облик на насилство спрема жена. Тоа не се само срамни кривични дела, јавно извршени, туку претставуваат и причинување на голем страв и терор не само кај лицата кои беа директни жртви, туку и на другите присутни, особено на новинарите кои беа посебно трауматизирани како и на сите кои тоа го видоа преку телевизиските екрани. Насилниот екстремизам и тероризмот немаат рогови и не се случуваат само во Средниот Исток, туку и среде нашето Собрание, од страна на луѓе кои себе си се нарекуваат “патриоти” а всушност извршуваат акти на терор идентични на некои други “патриоти” кои светот ги знае под името ИСИС. Ама во Македонија како тероризам обично се квалификуваат делата извршени од “не-патриотите” Албанци бидејќи кога “патриотите” Македонци, кои претходно основале “патриотски” здруженија (читај: паравоени формации) и јавно објавиле дека насилно ќе ги спроведат своите цели, тие се само учесници во толпа која единствено изразува гнев за тоа што и се случува на светата земја македонска!

 

А тоа што преку нивното директно делување тој ден тие се обидоа да го спречат мирниот избор на нов претседател на Собранието од страна на сосема легитимното парламентарно мнозинство исто така има име и се води во Кривичниот законик под член 305: Велепредавство. Уставниот поредок на РМ одредува дека парламентарното мнозинство избира нов претседател на Собранието. Насилното спречување тоа да се случи претставува насилно рушење на уставниот поредок и се вика велепредавство. Патриоти-велепредавници, колку тоа силно звучи!

Обидот за убиство спрема политичките конкуренти има и своја трета димензија, освен тероризмот и велепредавството. На тоа ме потсети погледот од џелат кој беше јасно видлив во снимките од настанот. Тој поглед на егзекутор, освен на Ќосето (на кого не потсети Груевски уште за време на изборната кампања), ме потсети и на турската серија со Величествениот Сулејман во која детално се покажува како султанот наредува погубување на своите браќа, бидејќи тој е најлесниот начин на отстранување на политичката конкуренција и на гарантирање на доживотната власт на султанот. На тоа ме потсети уште една информација која кружеше во јавноста, според која насилниците наводно правеле ортоми со каблите од камерите со цел да ги задават пратениците кои биле цел на напад. Се сетив дека начинот на убивање на конкурентите на султанот бил истоветен, со свилени ортоми кои се превртувале околу вратот на несреќните принцови. Од толку гледање турски серии не е чудно што и насилниците потполно забегале и влегле у филмови на апсолутни монарси од средниот век.

Организиран криминал

Затоа е важно работите да се нарекуваат со своето вистинско име. Обидот сериозните кривични дела да се релативизираат јасно ги покажува двојните стандарди на органите на прогонот кои преку таквото релативизирање се обидуваат да ја прикриваат материјалната вистина која всушност се поврзува и најлогично се објаснува преку поимот: организиран криминал.

Имено, не е првпат да слушаме дека одредени лица од врхушката на ВМРО-ДПМНЕ спроведувале дејствија на злосторничко здружување. Такво злосторничко здружување беше видливо и во начинот на организирање на тоа што се случи во четвртокот во Собрание. Исто така не е дека не сме слушнале порано давање наредба за организирање на насилни “спонтани протести” какви што беа тие пред Општина Центар. Со свои уши ја слушнавме дадената наредба за шамарите на Жерновски. Кој може да гарантира дека некоја друга наредба за фрлање на некој статив кон некого не е дадена и во овие последни “спонтани” протести? Пред некое време, во една емисија Груевски се потсмеваше на фактот што СЈО го гони за шамари кои не беа удрени.

Во последната емисија во која тој се појави, тој дрско го релативизираше тоа што им се случи на пратениците, кажувајќи дека ако некој сакаше да ги убие, ќе ги убиеше! Да немате дилеми дека утре истиот човек ќе се потсмева и ќе негира сотрување на меѓународни злосторства со уште потешки последици. Бидејќи овие работи одат чекор по чекор и не се случуваат преку ноќ. Започнуваат со поситни дела, продолжуваат со говор на омраза и хушкање на народот и завршуваат со злосторства од омраза и меѓународни кривични дела.

А организаторите на протестите? Нели се тие кои први се повикуваат на одговорност кога вакви насилства се случуваат? Одговорноста на организаторот на толпата која извршила кривично дело е јасно одредена во Кривичниот законик, и истото се казнува со затвор од една до десет години.

Здружувањето со цел извршување на делото се гледа особено во тоа што некој ги отворил вратите од главниот влез на Собранието за да “толпата” влезе непречено. Поделбата на улогите меѓу лицата кои ги отвориле портите, тие што ги упатувале насилниците, тие што ги поттикнувале, ги поддржувале и им помагале да извршат кривични дела повеќе од јасно ја покажува организираноста во извршувањето на тие злосторства. Соизвршителството е казниво според Кривичниот законик на РМ, како што е казниво и соучесништвото, поттикнувањето, помагањето, нарачувањето и организирањето на извршување на кривични дела. Сите се казнуваат според својата одговорност, се разбира, кога органите на прогонот ја извршуваат својата должност.

Во држава која функционира не според законите на правото туку според законите на мафијата, органите на државната безбедност не само што не спречуваат извршување на кривичните дела туку учествуваат во извршувањето на истите. Така, полицијата која со непробивливи кордони го бранеше Собранието СЕКОЈ ДЕН за време на протестите на Шарената револуција (а седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, освен со полициски кордони го бранеше и со хермелини и со водени топови), не беше во можност да спречи група на насилници да влезе во Собрание и да врши низа кривични дела!

Не само што не спречуваше, туку и се поздравуваше и пееше заедно со насилниците. Оти овие беа “патриотски” насилници, и освен тоа, полицијата не очекувала протестите да бидат насилни! Ама кога шарените “предавници” протестираа, од нив секој ден се очекуваше да бидат насилни и затоа секој ден имаше висок степен на обезбедување. А за органите на безбедност пак, ич да не зборам. Фактот што се идентификуваа неколку претставници на безбедносните органи меѓу самите насилници кои тероризираа пратеници, новинари и цела една јавност, ни кажуваат всушност какви институции не чуваат нас како граѓани од “злите луѓе”. Замислете во чии раце е нашата безбедност!

Еден од главните закони на мафијата е воспоставувањето на цврсти врски со органите на прогонот и безбедноста. Тогаш мафијата е безбедна, бидејќи делата кои таа ги врши се прикриваат од страна на нивните познаници во овие служби, а кога нивното целосно прикривање е сосема невозможно, истите се прикажуваат и се гонат како полесни дела и кон нив така се пристапува, како на пример, тероризмот, велепредавството и обидот за убиство се прикажуваат како учество во толпа.

Фирерот на ТВ

На крај, за да го објасни сето тоа што се случуваше, имавме чест да го слушаме лично Груевски, кој после 11 години, како прав лидер на опозицијата се појави во еден од медиумите кој се води како опозициски. Неговиот настап на ТВ Телма ме потсети на ставот кој го имале Британците при формирањето на Нирнбершкиот трибунал. Имено, Нирнбершкиот трибунал, во кој им се судело на челниците на нацистичката партија на Хитлер кои како високи функционери на Рајхот биле осудени за злосторства против мирот, злосторства против човештвото и воени злосторства, бил основан со меѓународен договор од страна на четирите сили на Антантата (САД, Велика Британија, Русија и Франција).

За време на преговорите во врска со основањето на овој трибунал Британците имале интересен став. Тие се залагале дека злосторствата на овие луѓе се толку црни, тешки и јасни што не заслужуваат судење туку директна егзекуција. Тие рекле дека ако на злосторниците им даваат можност да се бранат пред непристрасен суд, тие тоа ќе го користат во своја полза претворајќи го судот во свој форум на пропаганда преку кој ќе се обидат да ги оправдуваат своите постапки минимизирајќи ја својата одговорност. Американците инсистирале дека сите, без разлика какви злосторства извршиле, имаат право на одбрана и на фер судење. И така настанал Нирнбершкиот трибунал во кој во еден момент Гоеринг бил многу јак во правното легалистичко аргументирање токму против американскиот обвинител Џексон.

Е баш на тоа ме потсети Груевски со целата пропаганда со која се трудеше да ги оправда сите свои досегашни дејствувања, како и да го релативизира и минимизира тоа што се случи тој ден во Собрание. Па дури и најави дека снимките ќе покажат и други работи, и дека кога ќе пројде еуфоријата ќе може да се види дека целата работа била инсценирана од СДСМ! Јас чекам да ги видам снимките во кои Села самиот се претепал до блиска смрт или Шеќеринска се влечела сама за косата откако прво сама се удрила себеси со статив. А Заев сигурно удирал со главата по ѕид. Чекам да ги видам тие снимки за да ме просветли некој алтернативен факт.

А во меѓувреме Груевски продолжи непречено да држи лекции за странските служби, за некои центри на моќ, за надворешните агресори, за платформите прифатени, па отфрлени па наречени тирански… И јас почнав да ги сфаќам Британците што сакале да кажат во далечната 1945 година.

Сепак, јас сум за тоа Груевски да има право на фер судење. И право на одбрана. Бидејќи засега тој има многу повеќе од тоа. Судиите кои му судат се однесуваат повеќе од фер спрема него, а адвокатот е доста креативен и инвентивен во читањето закони. Затоа јас сум тој да има вистинско право на фер судење, заедно со неговата одбрана. Заедно со судиите кои сега му судат бранејќи ги неговите интереси повеќе од самата одбрана. Сите нека имаат право на фер судење. Само да ја видиме веќе еднаш вистинското лице на правдата!

Меѓутоа, следниот пат кога Груевски ќе биде повикан на вкрстено испрашување, сакам да го видам испрашуван од некого што на вистина знае и умее вкрстено да испрашува.