Второ од осумте сценарија за Северна Македонија во 2023 година. Сите сценарија се засновани на лични перцепции и проценки, НЕ се врз основа на конкретни изјави и сознанија.

ЏАБИР ДЕРАЛА

Линк до Сценарио 1/8

На предвремените парламентарни избори во мај победува радикализираната опозиција. Најголем дел од приговорите за изборни нерегуларности ги поднесува Левица, но повторно забораваат да стават печат, така што ДИК им ги одбива сите.

ПАД НА ДЕСНАТА ЛЕВИЦА И ПОДЕМ НА МАКСИМ

Ултра десната Левица мора да се помири со само еден пратеник, партискиот шеф. Причина за тоа е што голем дел од гласачите на Левица му ја подаруваат својата гласачка доверба на Максим Димитриевски. Според ова сценарио, Максим излегува со изјава со која тврди дека изборите се наместени, инаку целосно ќе ја освоел власта. Влегува во парламентот со тројца пратеници. Сите се мажи.

МИЦКОСКИ НЕ МОЖЕ (И НЕ ЗНАЕ) ДА СОСТАВИ ВЛАДА

Иако ВМРО-ДПМНЕ победува на изборите, на Мицкоски не му оди од рака да состави влада. Помалите ултрадесничарски партии имаат многу поголеми апетити и барања од победничката ВМРО-ДПМНЕ, на што Мицкоски не е спремен да одговори позитивно. Неговите сопартијци преку прокси канали во медиумите ја лансираат тезата:

„Мицкоски, не само што не може, туку и не знае да состави влада. А и да ја состави, ќе ја упропасти.“

АЛБАНЦИТЕ НЕ САКААТ НИ ДА СЛУШНАТ ЗА МИЦКОСКИ

Главна причина за неуспехот на Мицкоски да формира влада е што ниту една значајна партија на Албанците не сака ни да слушне за Мицкоски, а камоли да коалицира со него. Причината е едноставна: неговата ултранационалистичка ориентација.

Изборниот мониторинг упатува и на заклучокот дека големиот број меѓуетнички инциденти, каде што има и човечки жртви, се должи токму на долгогодишната националистичка реторика на Мицкоски, но и на другите учесници во изборите, од двете страни на етничката бариера.

ШАМПИТА-ПУЧ ВО БЕЛАТА ПАЛАТА

Веднаш по изборната победа, Мицкоски повторно е мета на своите ривали внатре во партијата. Одвај преживува (политички) симнување од партискиот трон. Една недела по изборната победа, се случува бизарен инцидент во Белата Палата. Неговите ривали, маскирани како припадниците на движењето Анонимус, го гаѓаат со шампити во облик на партиското седиште и со примероци од книгата на Груевски „Искуства за иднината“.

По целосниот неуспех да состави влада, Мицкоски се спрема за вонреден конгрес на партијата. Нападот врз него останува запаметен како „Шампита-пуч“.

НЕУСПЕШНИ ОЛЕСНУВАЧКИ МИСИИ И ЌАРОТ НА НЕВЛАДИНИТЕ ФОЛИРАНТИ

Во последните три месеци од годината, земјата се наоѓа во политичко и законодавно лимбо. Процесот на преговорите за зачленување во ЕУ е блокиран уште од пред изборите. Извештајот на Европската Комисија за прогресот на земјата е неповолен. Сите европски и светски „олеснувачки“ мисии пропаѓаат. Единствена корист од тие неуспешни „олеснувачки“ мисии извлекуваат, како и секогаш, НВО фолирантите и медиумските газди кои седат на повеќе (политички) столици, но срцето им е во Кремљ.

ПОЛИТИЧКА КРИЗА И СПРЕМАЊЕ ЗА НОВИ ИЗБОРИ

Политичките елити излезот од кризата сѐ повеќе го гледаат во нови избори. Изборните аналитичари од Цивил, пак, велат дека земјата ја зафаќа бугарскиот синдром. Политичките сили се, колку изедначени, толку и далеку од договор за заедничка проевропска агенда.


Ова е второ од осумте сценарија за Северна Македонија во 2023 година. Сите сценарија се засновани на лични перцепции и проценки, НЕ се врз основа на конкретни изјави и сознанија. Текстот е на места со намерни претерувања и сатира чија цел е да ги насмее, но и замисли читател(к)ите. Сепак, ниту едно сценарио не е невозможно. Дури и осмото.

(2023) Сценарио 1/8: Радикализација на опозицијата, погрешни потези на социјалдемократите, вмровците победуваат на избори, но не составуваат влада
Кратка верзија од сите осум сценарија: 2023 година: Осум сценарија за Северна Македонија

Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia