Челзи и Тотенхем ги делат седум бода на врвот на табелата во англиската Премиерлига по мечевите од 30 коло. „Сините“ на „Стемфорд бриџ“ беа непријатно изненадени од Кристал палас со 1:2, а нивниот кикс го искористија „спарси“ кои славеа на гости кај Барнли со 2:0.
Сеск Фабрегас, по додавање на Азар, го поведе Челзи во водство уште во петтата минута како резултат на офанзивата во која тргна составот на Конте. Радоста на домашните, сепак, траеше кратко. Гостите набрзо возвратија со два гола преку Заха во 9 минута и Бентеке во 11 минута, предност што ја сочуваа до крај.
Челзи го надигра ривалот, имаше шанси за израмнување меѓутоа не успеа да избегне пораз во 13 натпревар во низа. Кристал палас, пак, ја забележа четвртата победа едноподруго.
Киксот на лидерот на табелата го искористи тимот на Тотенхем кој потешко одошто се надеваше го совлада Барнли со 2:0 за многу важни три бода во трката по шампионската титула. „Спарси“ го кршеа отпорот на домашните до 66 минута кога, конечно, ја пробија противничката одбрана преку Даер, а 11 минути по него погоди и Сонг Хуенг Мин за потврда на 18 триумф во сезоната.
Лестер продолжува со преродба по разделбата со Клаудио Раниери. Сè уште актуелниот првак ја нанижа и четвртата победа. На „Кинг Пауер“ овојпат беше поразен Стоук со 2:0 со погодоците на Ндиди во 25 минута и Варди во 47 минута за нов чекор за бегство од опасната зона.
Манчестер јунајтед одигра без голови со ВБА, на „Олд Трафорд“, во вториот изненадувачки резултат, по поразот на Челзи, во денешните средби од 30 премиерлигашка рунда.
Премиерлига, 30 коло
Резултати
Челзи – Кристал палас 1:2
Барнли – Тотенхем 0:2
Манчестер јунајтед – ВБА 0:0
Ливерпул – Евертон 3:1
Хал – Вест Хем 2:1
Лестер – Стоук 2:0
Вотфорд – Сандерленд 2:0
Саутемптон – Борнмут (во тек)
Свонси – Мидлсборо (недела, 14.30 ч.)
Арсенал – Манчестер сити (недела, 17 ч.)
Табела: Челзи 69 (-1), Тотенхем 62 (-1), Ливерпул 59, Манчестер сити 57 (-2), Манчестер јунајтед 53 (-2), Арсенал 50 (-3), Евертон 50, ВБА 44, Стоук 36, Саутемптон 34 (-2), Борнмут 34, Вотфорд 34 (-1), Лестер 33 (-1), Вест Хем 33, Барнли 32, Кристал палас 31 (-1), Свонси 27 (-1), Хал 27, Мидлсборо 22 (-1), Сандерленд 20 (-1).