Два часа во казино во вечерта пред мечот со Тотенхем го чинеле Вејн Руни неверојатни 700.000 евра. Толку, наводно, загубил капитенот на Манчестер јунајтед пред гостувањето кај „спарси“ во Премиерлигата, но тешко дека хазардерскиот излет ќе се одрази негативно врз неговиот семеен буџет од причина што неделно заработува 310.000 евра на „Олд трафорд“. Поголема плата од него во соблекувалната на Жозе Мурињо има само Пол Погба. Таблоидот „Сан“ наведува дека Руни бил сам во казино пришто конзумирал и алкохол.
„Постојано се обложуваше на црвено и притоа уживаше во целост. Изгледаше тотално незаинтересирано, како да му беше сеедно дали ќе добие или загуби. Не беше пијан иако пиеше пиво по пиво“, истакна неименуван извор.
Тотенхем вчера попладне го порази Манчестер јунајтед со 2:1, а токму Руни беше стрелец на погодокот за „црвените ѓаволи“ на „Вајт Харт Лејн“. Англискиот репрезентативец е воглавно резерва кај Португалецот во оваа сезона во која постигна вкупно пет гола во 22 настапа. Се шпекулира дека ова лето ќе замине од клубот и како можни дестинации се споменуваат неговиот поранешен клуб Евертон како и средини во Кина и САД.