Денеска најверојатно нема да биде поднесен предлог за состав на новата Влада до Собранието. Ова за НОВА го потврдуваат извори во СДСМ, кои велат дека преговорите продолжуваат.
Од БЕСА велат дека очекуваат одговор на предлозите кои ги испратиле до СДСМ во врска со нивните ставови и принципи како услов за учество во новата Влада. Фатон Фазлиу за НОВА вели дека за денеска не се планирани никакви средби, ниту на ниво на работните групи ниту на ниво на партиски претседетали, но не може до крај да ја исклучи можноста дека нешто би можело да се случи до крајот на денот.
Фазлиу накусо ги повтори точките во дописот што го испратиле до СДСМ: во идната Влада да нема инкриминирани лица (за кои се водат постапки), договорот за коалицирање да биде временски ограничен и транспарентен и да има балансирано владеење, и прифаќање на терминот редефинирање за што понатаму би се отворила дебата.
Но, затоа нема дилема дека Движењето за реформа – ДПА останува дел од идната владина коалиција. Партиски извори брифираат дека тие ќе му дадат целосна поддршка на мандатарот Зоран Заев, како што и вчера во интервју за Алсат М изјави лидерот Зијадин Села.