Неверојатни 150 милиони фунти заработи Челзи за освоената титулата во Премиерлигата. Сумата што ќе легне на сметка на лондонските „сини“ доаѓа од наградниот фонд за елитното фудбалско натпреварување во Англија и од ТВ правата и за две третини е поголема од онаа на Лестер за историскиот успех на клубот од „Кинг Пауер“ стадионот во минатата сезона.
Распределбата на средствата во англискиот фудбалски шампионат е следна. Секој премиерлигаш добива по 39 милиони фунти од реклами и меѓународните ТВ права. Половина, пак, од домашните ТВ права се делат линеарно и кон 20 екипи се насочуваат по 35,3 милиони фунти.
Една четвртина дополнително се дистрибуира во зависност од клупскиот пласман на табелата, а преостанатата четвртина врз основа на настапите во домашната сцена. Бенефитите за сите се големи и загарантирани. Како илустрација е примерот со Сандерленд, последнопласираната екипа во Премиерлигата за оваа сезона, кој се сели во Чемпионшип со 93,5 милиони фунти.